Од невремето кое попладнево го зафати Скопје поплавени се неколку улици низ Скопје и паднати се дрва на неколку локации. Според досегашните пријави на единствениот број за итни случаи 112 поплавен е булеварот Никола Карев кај поранешна стоковна куќа „Мост“ и дел од булеварот Македонска Косовска бригада во Чаир. Како што информираат од Центарот за управување со кризи има заглавено автомобили.
„Под стоковна куќа Мост има приближно 50 сантиметри вода. Целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени. Поплава има и на булеварот Македонска Косовска Бригада во Општина Чаир. Неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен“, велат од ЦУК.
Дополнително, пријавено е дека на улицата Петар Манџуков во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.
Во Општина Карпош на улицата Рузвелтова паднато е дрво и блокирани се три сообраќајни ленти, и во моментов проодна е само една лента. Паднато дрво има и на улицата Кочо Битолјанов во близина на Скопска Пивара, постои опасност дрвото да оштети електрични кабли.
Пристигната е пријава и за навалена бандера од уличното осветлување на улицата Народни херои, во Општина Кисела Вода.
Од ЦУК велат дека надлежните служби се известени и ќе преземат соодветни мерки во рамки на својата надлежност.
А. АНТЕВСКА