БУГАРИЈА ДА ГИ ПОВЛЕЧЕ АМАНДМАНИТЕ СО КОИ БАРА ДОДЕФИНИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ ЗА ДА МУ ВЕРУВАМЕ НА РАДЕВ ДЕКА НЕМА ДА БЛОКИРА ВО ЕУ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    БУГАРИЈА ДА ГИ ПОВЛЕЧЕ АМАНДМАНИТЕ СО КОИ БАРА ДОДЕФИНИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ ЗА ДА МУ ВЕРУВАМЕ НА РАДЕВ ДЕКА НЕМА ДА БЛОКИРА ВО ЕУ, РЕЧЕ МИЦКОСКИНа заедничката прес-конференција со претседателите Сиљановска-Давкова и Бегај по Самитот во Тирана, Радев рече дека дека ако Македонија ја испочитува преговарачката рамка за влез во ЕУ, Бугарија ќе нема некои поголеми барања. (Фото: Фејсбук)

    „Нашите стари рекле помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат“, рече премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Битола, одговарајќи на новинарско прашање дали верува во изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дадена вчера на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка со Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана, дека ако Македонија ја испочитува преговарачката рамка за влез во ЕУ, Бугарија ќе нема некои поголеми барања.

    „Ете, имаат можност ова што го зборуваат и на дело да го покажат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент (ЕП) се наоѓа извештајот во кој очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите со кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и Патоказот за малциски права, кој многу скоро ќе биде на дневен ред“, рече Мицкоски кој во Битола присуствуваше на почетокот на реконструкцијата на киното „Партизан“.

    На заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај по Самитот, вчера Радев рече дека постои Договор за добрососедство од 2017 година и два протоколи, како и Преговарачка рамка од 2022 година, а Бугарија никогаш не поставувала, ниту ќе поставува услови надвор од нив.

    „Не станува збор за вето или успорување на процесот од соседна земја. Зборуваме за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото. Сакам да ве уверам дека Бугарија, како најблиска, како пријателска земја, има голема желба и е подготвена да подаде рака да помогне, за да може вашето државно раководство и општество многу побрзо да се справи со предизвиците и да ги спроведе Копенхашките критериуми за членство. Сето тоа е насочено кон иста цел, сите земји да се приклучат и да станат членки. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи. Ние сакаме час поскоро се што стои во тие документи да се запази. Станува збор за човекови права, чекаме трета година да се отвори процесот на присоединување и да почнат преговори со Северна Македонија и со промени во Уставот. Моето прашање е зошто тоа не се случува“, ѝ кажа Радев на Сиљановска-Давкова откако таа во нејзиниот говор обвини дека Македонија нема доволно поддршка од соседите на патот кон членството во ЕУ.

    Претседателката Сиљановска-Давкова на Самитот во Тирана кажа дека сериозна пречка е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам, како и дека овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа.

    „Кандидатите за членство, наместо солидарност и фер процес, сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања. Така, наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на Европската Унија и ова мора да се смени и тоа за доброто на сите“, рече вчера претседателката.

    Премиерот Мицксоки денеска рече дека по изјавата на Радев, тој очекува Бугарија да ја прифати средбата во рамките на состанокот на НАТО во Хаг на крајот на месецов и да се разговара за Коридорот 8.

    „Да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“, додаде Мицкоски.

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ќе ја претставува земјава на Самитот на НАТО во Хаг, на 13 јуни кажа дека иако е правило да има средба со нејзиниот хомолог, не е проблем таму да разговара за деблокирање на евроинтеграциите со бугарскиот премиер Росен Жељазков, со оглед на тоа дека е потврдено оти претседателот Радев нема да дојде во Хаг.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира