Голем е бројот на жени жртви на семејно насилство кои во текот на истрагата ја повлекуваат нивната изјава и со тоа се затвора можноста сторителот да се најде пред суд и да одговара за неговите постапки. Лани, од вкупниот број предмети – 64 кои ги оформило Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес за семејно насилство, 24 биле отфрлени затоа што жртвата се повлекла. Во 2023 имало 29 такви случаи.
„Со Кривичниот законик, насилникот сторител не се гони по службена должност, туку по пријава на жртвата. Таа од многу причини се повлекува по поднесената пријава, може е економски зависна, станбено, од срам од јавноста. Често се случува жртвата да се повлече и пријавата паѓа. Доколку сакаме да се променат работите во заштита на жената жртва, мора Кривичниот законик да се смени, државата да стои зад гонењето на сторителот“, вели Ангелина Босилкова, пензионирана судијка од Основен суд Велес.
Намален е бројот на случаи на семејно насилство во Велешко во 2024, споредено со 2023. Бројките на СВР Велес за лани се 76 пријави, а 59 една година претходно. Центарот за социјални работи во Велес лани регистрирал 73 случаи на семејно насилство, а претходно 68.
Психолозите велат дека бројките не се реален одраз на состојбата.
„Бројот на пријавени случаи е од жени кои се охрабриле да пријават, не дека толку случаи има реално. Од различни причини жената жртва не пријавува“, вели Ангелина Димовска-Стојанова, психолог во Организацијата на жени во Велес.
Од вкупниот број поднесени обвиненија на ОЈО Велес до Основен суд, голем е бројот на пресуди каде се изречени алтернативни мерки, како условни затворски казни. Лани од 32 поднесени обвиненија, во 20 случаи се изречени условни осуди, а три за задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа. Во 2023 состојбата била слична: од 24 одлуки на судијата, 20 биле условна затворска казна, три психијатриско лекување и во еден случај парична казна.
Според Центарот за социјални работи во Велес, минатата година имало 62 пријавени случаи со 68 жртви. Од нив, 57 се жени, 11 мажи, шест деца. Од децата жртви едно е машко, пет се девојчиња. Сторители на семејно насилство најчесто се мажи, во 12 случаи жени. Преку годината, во Шелтер центарот за жртви на семејно насилство во Велес биле сместени шест лица, од кои пет жени и едно дете. Според евиденцијата на СВР Велес, во текот на 2024 биле пријавени 59 случаи на семејно насилство.
Правниците велат дека многу институции се вклучени во решавањето на проблемот и тешко е да се лоцира кој затаил.
„Проблемот не е едноставен, бидејќи во неговото решавање учествуваат премногу странки; Центар за социјални работи, Јавно обвинителство, МВР, адвокати, суд, оштетени, жртви, сведоци. За да се најде каде е пропустот, потребно е да се констатира кој не го извршил потребниот надзор и зошто не биле преземени одредени дејствија во постапката. Семејното насилство е сложена постапка, поврзано со семејните односи. Неретко употреба на дрога и алкохол, брзи кредити, обложувалници и коцкарници доведуваат до нарушени односи во семејството, до степен на неподносливост, што потоа ескалира. Потребна е длабока анализа, дали кај посоченото лице мерките воспитно влијаеле или не. Штом има едно прекршување на времените мерки, ќе има ново, следи трето. Службите треба да констатираат дали кај сторителот има каење, дали е тоа вистинско или декларативно. Има ли омраза, намера да продолжи да го прави тоа, да се одмаздува, тогаш мора да се применуваат поригорозни мерки“, кажа Гроздан Сутинов, адвокат од Велес, кој има 20-годишно искуство во оваа проблематика.
Жртвите тешко го препознаваат почетокот на семејното насилство, кое не е само физичко удирање, има и други форми, како економско, емоционално, психичко, сексуално.
„Важно е да се препознаат првите знаци, за рано да се открие и да се избегнат следните настани и да се избегне состојбата да ескалира. Жртвата може да се заштити ако разговара со некој нејзин близок, во кој има доверба. Има можност за психолошка поддршка во различни институции и граѓански здруженија, каде е бесплатна. Може да се јави и на С.О.С. линијата. Сторителите имаат тенденција да ги изолираат жртвите од средината, да нема каде да се обратат, да нема каде да побараат помош и да продолжат со нивните насилнички постапки. Сторителот ја омаловажува жртвата, ја навредува и тоа го прави пред други лица, со цел да покаже дека не е вредна“, вели психологот Василија Јорданова.
Локалната власт во соработка со здруженија на граѓани работат на подигање на свеста за оваа проблематика преку едукативни програми, превентивни активности и поддршка за жртвите.
„Насилството не е приватен проблем, тоа е општествена одговорност која бара решителна и итна акција од сите нас. Потребни се доследна примена на законите и силен институционален одговор, брза и ефикасна заштита за жртвите, зголемување на капацитетите на кризниот систем за поддршка, воведување образовни и превентивни програми во училиштата и заедниците и континуирана едукација на сите институции што постапуваат во случаи на насилство“, вели Весна Атанасовска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените при Советот на Општина Велес.
П. ПЕЧКОВ