1 За закон за сообраќајни прекршоци ли треба да се свикува лидерска средба?
Изгледавме уште една драма со наслов „Лидерска средба“. Ама, некако овие претстави стануваат сѐ поздодевни. Изгледа тој ден премиерот Христијан Мицкоски немаше некоја градинка за отворање, па за да си го пополни денот свика лидерска средба. Искрено, не знам ни зошто се собраа партиските лидери.
Немаме парламентарна криза. Криза правеше ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција и блокираше многу суштински закони. Сега власта има апсолутно мнозинство во Собранието, сѐ што сака да протурка може да си го протурка без никаков проблем. Навистина, зошто воопшто имаме Собрание? За пратениците да наплаќаат патни трошоци и дневници кога доаѓаат да гласаат тоа што им го договориле.
А тоа што лидерот на СДСМ Венко Филипче реши да не оди на лидерската средба што ја свика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е проблем на самиот СДСМ. Во принцип, секој пат е подобро да си на масата каде што нешто се одлучува, отколку да не си. И навистина, лидерската средба е здодевна драма, ама пак, нели е глупаво сам да се откажеш од улогата на најголема опозициска партија. Додека уште те есапат за главната улога во претставата.
Ама пак, зошто јавноста би се замарала со внатрепартиските работи на СДСМ.
2 Не сакам да се замарам со дебатирање ни за законот за забрана за пушење во јавни простори. Како и сѐ друго во државата, законот не е проблем. Проблем е спроведување на законот. И со овој постојниов закон казнувањето за пушење во затворен простор не е забрането. Башка што, таков закон имавме и до 2017 година, во времето на владеењето на она претходното ВМРО-ДПМНЕ, и тој закон се почитуваше.
После се измислија измени на законот, па затворени кафеански тераси од сите страни, божем, да не трпи угостителскиот бизнис и за заштита на правата на пушачите, а всушност за најбрутална узурпација на јавниот простор. Немаше врска тоа со никакви човекови права на пушачите, а уште помалку со здравствена заштита на непушачите. Тоа беше класично приватизирање на нашиот заеднички простор, со крадење од нашите тротоари, пешачки зони, паркови, пристапи до влезовите во зградите каде што живееме и работиме… За божем летни тераси.
Туку, ај што тие најлони и пластики се грди, ама не се ни безбедни. И којзнае дали Општините воопшто имаат некаков ќар од тоа, дали наплаќаат и колку успеваат да наплатат.
Си ги слушаме ли муабетите? Па луѓе мои, ние во 2026 година зборуваме за пушење во ресторани и кафеани! За редовно собирање ѓубре од контејнери! За камери на улиците и патиштата што мерат брзина на колите! За третман на кучиња скитници! За јавен превоз зборуваме! За филтри на оџаци! За системи за вентилација на јавни објекти!
А бе ајде. Ние за тоалетна хартија и сапуни во училиштата дебатираме. Оти нема. Нема.
Па граѓаните на земјите во кои масовно се селиме и им завидуваме на квалитетот на живот, немаат поим дека вакви прашања за дискусија воопшто се предмет на муабет во некоја земја во Европа. Очајно е дека ние дискутираме за цивилизациски придобивки кои светот кон кој сакаме да одиме ги има решено уште пред најмалку триесет години. А 26-та година тераме од 21. век.
3 На лидерската средба, лидерите на партиите се договарале дали да ја укинат техничката влада што се избира шест месеци пред парламентарните избори, што беше измислена во 2015 за да се надмине политичката криза и блокадата предизвикана по објавувањето на нелегално прислушуваните разговори во време на Владата на Никола Груевски. Договорите се водеа во скопско Пржино во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ со силна поддршка на тогашниот амбасадор на САД.
Али Ахмети од ДУИ предложил за укинување на техничката влада да се консултираат и стратешките партнери кои беа учесници на тогашните Пржински договори.
Е да. На сите маки што си ги имаат во моментов САД и ЕУ со меѓусебното партнерство, сега уште треба да му ја мислат и на нашава техничка влада. Нема бегање. Паралелно со статусот на Гренланд, САД и ЕУ ќе го решаваат и статусот на Пржино.
А Владата на Мицкоски, освен што ќе изрази длабока загриженост како ќе се развиваат настаните меѓу сојузниците околу Гренланд, ќе апелира на потребата од мирно решавање на недоразбирањата. И ќе ги повика САД и ЕУ да се воздржат од прекумерна употреба на сила.
4 На лидерската средба се виде дека политичарите од партиите на Албанците одржуваат континуитет во политиката. Лидерот на Беса Билал Касами на средбата се појави со бе-ем-ве од 130.000 евра. Рече дека не е негово, туку дека му го позајмиле оти општинската кола била на сервис. На времето и Артан Груби се возеше со ауди од околу 100.000 евра, кое исто така не беше негово, туку му го имаше дадено некој комшија.
Многу дарежливи пријателите и роднините на политичарите. Можеби некогаш ќе се открие колку тендери ќе нѐ чини нивната дарежливост.
Најверојатно нема.
АУДИО ПОДКАСТ



