БИТОЛЧАНИ ОД НАСЕЛБАТА БАИР БАРААТ ДА ДОБИЈАТ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ БЕЗ ПОЛАГАЊЕ ИСПИТ, ЈА БЛОКИРАА ОБИКОЛНИЦАТА И ПРОТЕСТИРАА ПРЕД БИТОЛСКИОТ СУД

    БИТОЛЧАНИ ОД НАСЕЛБАТА БАИР БАРААТ ДА ДОБИЈАТ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ БЕЗ ПОЛАГАЊЕ ИСПИТ, ЈА БЛОКИРАА ОБИКОЛНИЦАТА И ПРОТЕСТИРАА ПРЕД БИТОЛСКИОТ СУДЛицата кои простестираа пред Судот и Полицијата најавија дека ќе продолжат со протести и утре, блокирајќи го патот Прилеп-Охрид. (Фото: СДК.МК)

    По блокадата на магистралниот пат Битола-Охрид со запалено ѓубре, жители од битолската ромска населба Баир слегоа да протсетираат пред Судот и Полицијата во Битола. Протестите настанаа откако полицијата на неколкумина им ги одзеде возилата кога ги затекна дека возат без возачки дозволи. Сега, тие бараат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да најде друг начин да добијат возачка дозвола без да полагаат возачки испит зашто се необразовани, или да си даде оставка.

    „Немаме ништо против полицијата. Ние сме без возачки дозволи и без школо. Ни ги зедоа возилата, а со нив децата ги раниме. Бараме да се најде начин да добиеме возачки. Нека дојди инструкторот нека вози со мене да види дали не знам правила. Ако знам да возам нека ми даде возачка, ќе си платам. Ако не е возилото ќе умреме за леб“, рече Рафет Мемишовски, кој говореше на протестот.

    На магистралниот пат Битола-Охрид на местото каде се протестираше, среде пат гореше оган,  наоколу имаше расфрлено ѓубре и многу срчи од искршени шишиња. (Фото: СДК.МК)

    Пред да слезат да протестираат во градот, со запалено ѓубре го имаа блокирано магистралниот пат Битола-Охрид, односно обиколницата над Битола. Поради тоа со часови оваа сообраќајница остана затворена за сообраќај.

    Кога екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК го посети местото каде се протестираше, среде пат гореше оган,  наоколу имаше расфрлено ѓубре и многу срчи од искршени шишиња. Ако патот се отвори за сообраќај, коловозот ќе мора да се исчисти за безбедно да се одвива сообраќајот.

    Лицата кои простестираа најавија дека ќе продолжат со протести и утре, блокирајќи го патот Прилеп-Охрид.

    Утрово, од СВР Битола соопштија дека на 2 февруари при сообраќајна контрола на територијата на Битола затекнале тројца возачи како управуваат возила без положен возачки испит. Тие биле задржани во полициска станица, а возилата им биле одземени. Против возачите ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик за Безобѕирно управување со моторно возило.

    Ова не е првпат жителите од населбата револтот да го изразуваат со палење отпад на магистралниот пат над Битола. Вака постапија во повеќе наврати изминатите години кога дел од семејствата останаа без струја.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира