ЕКСШЕФОТ НА КАМПАЊАТА НА ТРАМП БИЛ ПЛАТЕН ОД МИЛИЈАРДЕРОТ ДЕРИПАСКА ДА РАБОТИ ЗА ПУТИН ВО САД

    ЕКСШЕФОТ НА КАМПАЊАТА НА ТРАМП БИЛ ПЛАТЕН ОД МИЛИЈАРДЕРОТ ДЕРИПАСКА ДА РАБОТИ ЗА ПУТИН ВО САД

    Пред да почне да работи за Доналд Трамп, неговиот поранешен менаџер на претседателската кампања Пол Манафорт тајно работел за руски милијардер со план за „голема корист за владата на Путин“, објави агенцијата Асошиетед прес (АП). Белата куќа вчера се обиде да го минимизира извештајот, но тој брзо крена нов аларм во Конгресот за руските врски со соработниците на Трамп.

    Манафорт предложил доверлив стратешки план уште во јули 2005, со кој ќе се влијае врз политиките, бизнис врските и вестите во САД, Европа и поранешните советски републики, заради корист за владата на Путин, иако американско-руските односи за време на претседателот Џорџ В. Буш се влошија. Манафорт му ги предложил плановите на алуминиумскиот магнат Олег Дерипаска, близок соработник на Путин, со кого Манафорт склучил договор за 10 милиони долари годишно почнувајќи од 2006, според интервјуата со луѓе кои знаат за исплатите кон Манафорт и бизнис досиејата до кои дојде АП. Манафорт и Дерипаска одржувале бизнис односи најмалку до 2009.

    Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер вчера рече дека претседателот Трамп не знаел дека Манфорт работел за Дерипаска.

    Манафорт вчера одново потврди дека работел за Дерипаска, но негира дека неговата работа била од проруска природа.

    Официјален претставник на Дерипаска вчера соопшти: „Имаше договор меѓу Дерипаска и Манафорт за давање инвестициски консултации за бизнис интересите на Дерипаска кои сега се предмет на законска истрага“.

    Ова откритие доаѓа додека некои од советниците на кампањата на Трамп се предмет на истрага на ФБИ и на две истраги во Конгресот, и сигурно е дека Манафорт ќе биде повикан како клучен сведок во престојните сослушувања. Истражителите проверуваат дали кампањата на Трамп и нејзините соработници била во координација со Москва за мешање во изборите во 2016. Манафорт ги одби истрагите како политички мотивирани и злоупотребени. Документите до кои дојде АП покажуваат дека врските на Манафорт со Русија биле поблиски од она што беше претходно откриено.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира