ЦЕНАТА ЗА ОСТАНУВАЊЕ НАДВОР ОД ЕУ НЕМА ДА ЈА ПЛАТИ МИЦКОСКИ, ЌЕ ЈА ПЛАТАТ ГРАЃАНИТЕ И НИВНИТЕ ДЕЦА, КАЖА ФИЛИПЧЕ И ПОБАРА РЕФЕРЕНДУМ

    ЦЕНАТА ЗА ОСТАНУВАЊЕ НАДВОР ОД ЕУ НЕМА ДА ЈА ПЛАТИ МИЦКОСКИ, ЌЕ ЈА ПЛАТАТ ГРАЃАНИТЕ И НИВНИТЕ ДЕЦА, КАЖА ФИЛИПЧЕ И ПОБАРА РЕФЕРЕНДУМ„Распишете референдум, прашајте ги граѓаните, не може вие да одлучувате за судбината на сите што живеат во Македонија“, повика денеска Филипче. (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на СДСМ Венко Филипче, по вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски пред хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Охрид дека земјава останува надвор од ЕУ и оти сме спремни да ја платиме цената за тоа, денеска на прес-конференција реагираше дека на Мицкоски и на вмровските функционери им е убаво, а на граѓаните ќе ја платат цената, и оти нема ни морално ни политичко право да носи сам такви одлуки.

    „Вчера го слушнавме Христијан Мицкоски, рече ‘нема повеќе отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената’. Се поставуваат две прашања: Кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме, се што кажа беше огромна лага: Ќе го враќале името, ќе го поништуваат Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот, итн. Меѓутоа, таа лажна кампања постепено почнува да се разобличува, бидејќи граѓаните сфатија дека ништо од тоа не е вистина“, кажа Филипче.

    Цената за останувањето надвор од ЕУ според Филипче, нема да ја плати ниту Мицкоски, ниту функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што рече, сите тие имаат бугарски пасоши.

    „Цената ќе ја платат сите граѓани, ќе ја платиме ние, нашите семејства, децата и младите. Единствено нешто што е загрозено во моментов е иднината на нашите деца и животниот стандард на граѓаните. Мицкоски и бандата не сакаат во Европската Унија, затоа што таму се одговара пред европски обвинители за криминал и корупција, што не му одговара. Затоа не држат како заложници, се измислуваат непријатели, вештачки конфликти и предавници. Тие живеат убаво и кога ќе дојде време, ќе си заминат од опустошената Македонија во некоја европска дестинација“, критикуваше Филипче.

    Премиерот Мицкоски вчера рече дека ќе нема нови идентитетски отстапки и оти Владата е подготвена да ја плати цената за зачувување на националните интереси.

    „За жал, сè додека билатералните спорови и т.н. булинг кон нас од страна на некои земји-членки, односно во случајот една земја-членка, се наша препрека за да бидеме дел од тоа семејство, ова што одамна го заслуживме за жал ќе се одалечува. Но ние не губиме надеж, не губиме енергија туку, напротив, ќе продолжиме силно да работиме и очекуваме дека ќе ја добиеме таа шанса да бидеме дел од тоа семејство. Нема повеќе можности за идентитетски отстапки, нема повеќе можности за чекор назад кога станува збор за нашите национални одредници. Колкава и да е таа цена којашто треба да ја платиме, оваа Влада е подготвена да ја плати. Ќе чекаме некои други подобри времиња. Ако навистина билатералните процеси се тие коишто треба да му судат на нашиот европски пат, тогаш ние ќе се бориме на друг начин“, рече Мицкоски.

    Лидерот на СДСМ смета дека ова е референдумско прашање и оти Мицкоски нема ни морално ни политичко право да ја држи Македонија стратешки како слепо црево.

    „Не може Христијан Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Мора граѓаните да одлучат за тоа, затоа што тие и нивните деца ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Тие се едиствени што може да одлучат за својата судбина. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите што живеат во Македонија“, повика Филипче.

    Од Владата за барањето референдум одговорија: „Да не трошиме време и пари на граѓаните“.

    „Ние сме за ЕУ и тоа е наша стратешка ориентација, што и го правиме на дело. Впрочем, укинувањето на оценската мисија од Советот на ЕУ, отворањето на фондовите од Реформската агенда за Македонија е јасен показател за европската ориентација на оваа Влада. А како изгледа кога СДС се залага за референдум без гаранции за европската иднина, граѓаните можеа да видат низ пластичен пример од последниот референдум организиран 2019-та година. Тие и денес продолжуваат да бидат меко ткиво на македонскиот идентитет“, соопшти Владата.

    Тој на новинарско прашање одговори дека за него и за партијата обединување значи единствено спроведување на уставните измени.

    „Што за Мицкоски значи обединување? Нема да застанеме зад него за тој и неговата банда да продолжат со своите погрешни политики. Јас во неколку наврати кажав што значи за нас национално обединување: да се направат уставните измени зашто тоа не е никаков ризик ни по јазикот ни по идентитетот, а тоа е потврдено со документи. Замислете дека во Парламентот на Бугарија ќе се гласа документ со кој ќе се признаат македонскиот јазик и идентитет“, рече Филипче и праша што е загрозено до денеска, по што рече: „Буквално ништо“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира