ЛУКРОВСКИ МОРА ДА МИРУВА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА БОЛЕДУВАЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШ

    ЛУКРОВСКИ МОРА ДА МИРУВА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА БОЛЕДУВАЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШЛукровски е на боледување еден месец. (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека здравствената состојба на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, бара мирување. Ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање зошто Лукровски уште не доаѓа на работа, иако комисиското боледување му беше до 30 мај.

    „Јас како што знам, Сотир Лукровски е градоначалник на Карпош. Здравствената состојба е таква каква што е и бара мирување, се надевам дека сè ќе биде во ред и ќе се врати на редовно извршување на работите“, одговори Мицкоски при посетата на Институтот за јавно здравје.

    Лукровски е на боледување еден месец и го заменува заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, кој е член на Советот на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Крстевски се појавува на сите настани поврзани со работата на Општината, а снима и видеа за тоа што е сработено, кои се објавуваат на социјалните мрежи.

    Ексградоначалникот Стевчо Јакимовски на 26 мај на прес-конференција изјави дека Лукровски боледува од неработење и неодговорност и оти се шета низ трговскиот центар „Сити мол“ додека му трае боледувањето.

    „Во Македонија се појави нова медицинска гранка, ниту е кардиологија, ниту е неврологија, ниту е психијатрија. Во Македонија изгледа се појави таа нова медицинска гранка што се вика ‘шопинг-медицина’. Новата терапија, очигледно, се спроведува околу ‘Сити мол’ и во ‘Сити мол’. Малку во ‘Ејч енд ем’, малку во ‘Зара’, па покрај ‘Нептун’ до горните гаражи, па оттука на комисиско боледување. И сето тоа на товар на граѓаните“, рече тогаш Јакимовски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира