Граѓаните си одат од државата оти ве гледаат како уживате на јахтите во Паљури, а не сте в затвор, му рече премиерот Христијан Мицкоски на пратеникот и лидер на опозицијата Венко Филипче на денашната собраниска седница за пратенички прашања. Претходно, Филипче од собраниската говорница рече дека Владата предводена од Мицкоски изминативе две години не направила ништо, а на граѓаните им ветуваше мед и млеко.
„Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок. Што добија? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10 отсто од ветеното во програмата нема исполнето. Само лаги, изолација и партиски тендери. Буџетот е пред колапс, немате пари. Реформи нема, земјата ја туркате во изолација, секон трет граѓанин ја напушта државата. Кој е крив за сите овие неисполнети ветувања, кој е крив за овие изгубени 2 години”, рече Филипче.
На ова премиерот му одговори дека резултатите на негова Влада се многу подобри од времето на СДСМ.
„Велите секој трет човек планира да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор. Е затоа се разочарани луѓето. Признавам дека сум виновен, тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури, наместо на друго место. Признавам дека сум виновен. Но, исто така ве гледам во очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани да гледаат како поранешни функционери уживаат на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ“, рече Мицкоски од собраниската говорница.
А. АНТЕВСКА



