ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ГИ ПОПЛАВИЈА И БЛОКИРАА УЛИЦИТЕ НИЗ СКОПЈЕ

    ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ГИ ПОПЛАВИЈА И БЛОКИРАА УЛИЦИТЕ НИЗ СКОПЈЕГрадоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен. (Фото: СДК.МК)

    Обилните врнежи од дожд со град попладнево го поплавија Скопје. Улиците низ градот се под вода, возила едвај се движат, а во некои делови сообраќајот е блокиран. Поради високите порои низ улиците во некои делови се блокирани и пристапите до зградите.

    Досега не е соопштено колку и какви штети има од невремето.

    Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен.

    Поплавени улици зад Градскиот стадион во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    „Поради силното невреме кое во текот на денешниот ден го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција. Во постојана координација сме со Центарот за управување со кризи (ВУК), МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции. Сите капацитети се ставени во функција и екипите на Градот ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно“, напиша на својот фејсбук профил Ѓорѓиевски.

    Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени подрумски простории, дворови на куќи, магацински простории, подвозници и кружни текови, како и за заглавени возила и други ризици и опасности предизвикани од обилните врнежи.

    „Според досега пристигнатите пријави, најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. За сите пријавени случаи веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Единиците на локалната самоуправа, кои постапуваат согласно своите надлежности. Во моментов заседава Кризниот штаб на Град Скопје, кој ги координира активностите на надлежните служби“, велат од ЦУК.

    Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопштија дека и во наредните два дена ќе има променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд, над 15 литри на метар квадратен, грмежи, засилен ветер и појава на краткотрајно невреме со град.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира