Советниците на мнозинската СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар денеска здружно изгласаа на Водно под Јужна обиколница да се градат хациенди, за кои треба да се сече шума. Со 13 гласови „за“ од советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан Нацрт-деталниот урбанистички план Градска четврт Ј05-Барутана. Против беа советниците на „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ, како и советниците Ненад Матевски од СДСМ и Катерина Костадинов од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Општина Центар и планерската куќа „Билд урбан“ при презентација на планот кажаа дека тој мора да се донесе, бидејќи претходниот план бил укинат од Уставен суд и оти овој план е со многу помали параметри за градба, односно бруто-изградената површина од 43.000 метри квадратни е намалена на 29.000 метри квадратни. Со планот се дозволува изградба на објекти со приземје и два ката.
„Овие парцели се приватни и во нив маркичките се нацртани уште во 2002 година. Не можеме да одземеме веќе стекнато право на градба“, рече Танкица Христова-Спасовска, раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Центар.
Во планската документација за изработка на Деталниот урбанистики план (ДУП) се вели дека тој е изработен по барање на Друштвото за градежништво, промет и трговија „Лутарико“.
„Во согласност со законските одредби, а по Договор со иницијаторот ‘Лутарико‘, планерската куќа ‘Билд урбан’ ДООЕЛ пристапи кон изработка на планска програма за изработка ДУП-от“, стои во планската документација.
При презентацијата на планот остро реагираа советниците на „Шанса за Центар“, Левица и ЗНАМ кои буквално ги молеа советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да гласаат со свои глави, а не по партиски наредби, и да не дозволат ново уништување на Водно за интерес на неколку моќници.
„Овој предел е шума која ја засадиле нашите сограѓани после Втората светска војна за да се заштите Водно од ерозија на земјиштето. Сите знаеме што значи ако почне да се јавува ерозија и свлечишта. Уништуваме шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да се градат 13 објекти за некој инвеститор да гради. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради. Па зар за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? Исто така, за да се стигне до овие објекти треба да се пробијат улици, а тој предел е доста стрмен и Општината треба да донесе инфраструктура. Сето тоа ќе ја чини многу повеќе отколку парите што ќе ги добие од комуналии. Планот, и овој што сега се предложува и претходните, се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) бидејќи ги надминуваат параметрите. Со ГУП-от се предвидува бруто површина за градба од 6.500 метри квадратни, а на овој дел веќе изграденоста е 16.000 метри квадратни. Сега со планот се предвидува 29.000 метри квадратни бруто површина за градба. Ние со носење на план за 100 жители ги доведуваме во опасност сите граѓани на Скопје. За кого работите вие, за кого сме избрани, за овие сто моќници или за сите жители на Центар? Ве замолувам да гласате со своја глава и да не го дозволиме овој план“, рече советничката и архитектка Билјана Филиповска-Тодорчевска од „Шанса за Центар“.

Планот е изработен од планерската куќа „Билд урбан“ по барање на градежната фирмата „Лутарико“. ( Фото: СДК.МК)
Советникот Јане Димевски од „Шанса за Центар“ рече дека овој план се прави по барање на приватни инвеститори и дека за нив е изготвен во рекордно време.
„За овие хациедни треба да се преместува главниот водовод, улица треба да се пробива низ шума. Станува збор за подрачје кое е обележано дека е под влијание на ерозија, а немаме добиено мислење од Дирекцијата за заштита и спасување“, рече Јане Димевски.
Советниците од Левица Андреј Куцуловски и Александар Панајотов побараа ова прашање да се стави на референдум, затоа што е недозволиво на овој дел од Водно да се гради.
„Јас предлагам сите ние советниците заедно да отидеме таму за да видите за каков предел станува збор. Ова што се прави е лудо, не смееме за неколку моќници ние да гласаме против сите граѓани. Секој ден се зборува дека на Водно се појавуваат свлечишта, а вие предлагате да носите план со нови огромни градби“, рече Андреј Куцуловски од Левица.
Советничката од ЗНАМ Александра Цветановска рече дека е недозволиво да се гласа за овој план кога нема испитувања од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) дали е можна ерозија на земјиштето и кога овој план е спротивен на ГУП-от.
„Ги доведуваме во опасност нашите деца“, рече Цветановска.
На ваквите забелешки од советниците, раководителката на Секторот за урбанизам Танкица Христова рече дека луѓето отишле на месечина, па можно е со употреба на технологија да се гради и на Водно.
„Ние побаравме мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, но на нашето барање не добивме одговор и според Законот, ако не се одговори тогаш ние можеме да продолжиме со постапката односно немаме негативно мислење. Што се однесува за тоа што ДУП-от и во спортивност на ГУП-от, ние тука немаме ништо. Град Скопје го одобрил овој нацрт-план, ако е спротивен на нивниот тие требало да ни го одбијат. Уште еднаш ќе повторам, веќе стекнато право не можеме да поништиме, во спротивно Општината ќе биде тужена“, рече Христова-Спасовска.
На прашањето на советникот од Левица Куцуловски дали ако сега сопствениците на земјиштата побараат дозвола за градба Општината може да им издаде врз основа на претходниот план со кој стекнале право, раководителката Христова-Спасовска рече дека сега нема да може да се добие дозвола оти планот од 2002 година веќе не е со важност, а последниот план е укинат од Уставен суд.
Тоа значи дека за да се овозможи градење на Водно потребно е да се донесе нов Детален урбанистички план.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во своето излагање до советниците кажа дека тие не носат нов план туку овие луѓе веќе имаат стекнато право на сопственост со планот донесен уште во 2002 година и Општината сега тие маркички не може да ги избрише.
„Мене целта не ми е да бранам некого туку да носам ДУП-ви за да не останат црни точки во Општината“, рече Герасимовски.
Планот сега треба да помине на јавна анкета на која граѓаните ќе можат да ги изнесат своите забелешки. Потоа се прави финална верзија во која се вметнуваат прифатените забелешки и повторно оти на гласање на Советот.
А. АНТЕВСКА



