ВО ВРАЊЕ СЕ СЛАВЕШЕ ОСТАВКАТА НА ВУЧИЌ СО ХИТ ОД БЛАГИЦА ПАВЛОВСКА

    ВО ВРАЊЕ СЕ СЛАВЕШЕ ОСТАВКАТА НА ВУЧИЌ СО ХИТ ОД БЛАГИЦА ПАВЛОВСКАВо Врање студентите беа пречекани од голем број граѓани со музика и факели, а меѓу песните што повеќепати се слушаа беше и „Цело Врање“ од Благица Павловска (Фото: Н1)

    „Цело Врање“, која во оригинал е песната „Цело Скопје“ на Благица Павловска, повеќепати се слушаше на пречекот во Врање на студентите кои со велосипеди патуваат низ Србија во рамките на турата „Чувари на Уставот“, организирана во пресрет на вонредните парламентарни избори на 25 октомври. Студентите, кои повеќе од една година организираат протести и бараат одговорност за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, на 17 септември тргнаа на десетдневна велосипедска тура низ земјата, во рамките на предизборните активности на Студентската листа.

    Во Врање студентите беа пречекани од голем број граѓани со музика и факели, а меѓу песните што повеќепати се слушаа беше и „Цело Врање“. Во близина се собраа и приврзаници на владејачката Српска напредна странка (СНС), а двете групи ги разделуваше полициски кордон.

    Изборите во Србија се одржуваат во период на големи политички промени. Александар Вучиќ вчера поднесе оставка од функцијата претседател на Србија по 9 години на функцијата, за да може да учествува во кампањата за вонредните парламентарни избори на 25 октомври. Тој е кандидат на СНС за премиер, а како в. д. претседателските должности ги презема претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

    Песната „Цело Врање“, која денес важи за една од неофицијалните химни на градот и често се пее на свадби и веселби на југот на Србија, настанала сосема случајно во 1995.

    Како што кажа Небојша Димчиќ, долгогодишен музички уредник и водител од Врање, сè почнало во емисијата „Турбо викенд“, заедничка програма на Радио Врање и Радио Гњилане. Димчиќ тогаш ја поканил Павловска да гостува во емисијата. Како знак на внимание кон домаќините и градот, таа донела препев на српски јазик на својата песна „Цело Скопје“, која за таа пригода била преименувана во „Цело Врање“. Она што требало да биде само убав гест кон домаќините брзо се претворило во хит. Во текот на петчасовната програма, на барање на слушателите, песната се пуштала на речиси секој час, а телефоните во радиото постојано ѕвонеле.

    Иако тогаш била емитувана само демоверзија, локалните музичари ја снимале од радиото на аудиокасети, ги ваделе акордите и веќе следниот викенд ја свиреле на свадби и на веселби.

    Поради големата популарност, Павловска во 1998 ја сними и ја објави песната „Цело Врање“на албум.

    Студентските протести во Србија почнаа по уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024, при што загинаа 16 лица. Студентите бараа објавување на целата документација за реконструкцијата на станицата и утврдување одговорност за трагедијата, а протестите со текот на времето прераснаа во пошироко антикорупциско движење. Властите ги отфрлаа обвинувањата дека корупцијата е причина за несреќата и велеа дека одговорноста треба да ја утврдат надлежните институции.

    Едно од барањата на студентското движење подоцна стана и распишувањето вонредни парламентарни избори. Студентската листа „Студентите победуваат“ е прогласена за учесник на изборите на 25 октомври, откако до Републичката изборна комисија беа доставени 69.099 правно валидни потписи за поддршка. Прв на листата е професорот на Медицинскиот факултет во Нови Сад Илија Срдановиќ.

    На изборите учествува и листата „Александар Вучиќ-Обединета Србија“, предводена од Вучиќ и коалицијата на прозападни опозициски партии позната како „Европска Србија“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира