1 Бев во Црна Гора на Самитот на Берлинскиот процес. Седум часа возење по балканскиве патишта, сто граници, чекање, проверки… Таман доволно време за размислување и за депримирање.
Чекајќи во колоните на границите се сетив дека известував и од Берлин, од првиот Самит во 2014 година, кога германската канцеларка Ангела Меркел ја покрена иницијативата шесте земји од Западен Балкан да функционираат како заеднички пазар, да се унапреди слободното движење на луѓето, да се тргнат бариерите за трговија и инвестиции, да се признаваат дипломите, да се градат автопати и железници, да се надминат историските спорови и така подготвени и помирени, еден ден сите заедно да влеземе во Европската Унија.
Каков ентузијазам предизвика тоа. Каков оптимизам. Каква надеж дека конечно нешто се движи. Како вчера да беше. А поминале 12 години.
Потоа, се сетив дека известував и од вториот Самит на Берлинскиот процес во Виена во август 2015 година. Од тогаш особено ми останаа во сеќавање зборовите на тогашната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини. По сите вообичаени дипломатски одговори, полни со завиени формулации, во еден момент кажа нешто што ни звучеше толку едноставно, толку логично и толку охрабрувачки: „Па, секако дека Западен Балкан припаѓа во Европската Унија. Инаку, што ќе правиме со тие земји?“.
Во меѓувреме, Меркел си замина. Дојде Шолц. Си замина и Шолц. Сега е Мерц. Берлинскиот процес си тече. Границите со сите останати пет земји од Западен Балкан ги минувам со лична карта, роамингот меѓу нас е бесплатен, патиштата и железницата уште ни се ужасни, ама добиваме европски пари за инфраструктура, од која нешто се гради… Нешто се движи.
Ама искрено, многу ме депримира кога по илјадити пат ќе ја слушнам истата реченица како онаа на Могерини од пред 11 години, дека Западен Балкан е дел од Европа.
А уште подепресивно е кога од европските лидери ќе слушнам дека билатералните спорови не смеат да бидат пречка за проширувањето. А токму билатералниот спор со една земја-членка на ЕУ, кој во суштина е историски реваншизам, расправии за историски личности и празници што се муабети на ниво на селска слава, а се издигнати на ниво на државна политика на земја-членка на ЕУ, ни ја попречува европската иднина.
А најдепресивно ми е што повторно ја живееме 2008 година, кога по грчкото вето за НАТО во Букурешт, со Владата на Никола Груевски кој одбиваше да се соочи со реалноста и да бара решение, влеговме во 11-годишно владеење на авторитарна, олигархиска власт, со многу патриотски говори, многу споменици и многу малку европска перспектива.
Сега пак имаме Влада што одбива да се соочи со реалноста. Пак секој ден слушаме лекции за патриотизам. Ги гледаме како надвор плачат зошто не нè примаат, а дома се јуначат дека нема да попуштат ниту еден милиметар. И ни делат поуки дека треба да раѓаме повеќе деца, оти нема да има кој да работи за овој балкански економски џин. За што да ги раѓаме? За да земаат бугарски пасоши и сами да заминуваат во Европската Унија како Бугари?
2 Всушност, со владите на ВМРО-ДПМНЕ имаме историски континуитет на негирање на реалноста. Никогаш на дело не се покажале кога требало да се биде за ЕУ. За сите тешки одлуки што требаше да се донесат се правеа „на тошо“ и обвинуваа за предавство. Беа против приемот во Обединетите Нации под привремената референца ФИРОМ. Беа против компромисот за името што нè внесе во НАТО, а сега ги користат придобивките од тоа „предавство“.
Две години се на власт и уште се занимаваат со одлуките на претходната власт. А нивна одлука за излез од сегашната блокада не видовме.
Нема ништо патриотско во тоа да одбиваш да се занимаваш со реалниот проблем што стои пред твојата држава.
3 И дај, нека ја примат барем Црна Гора во Европската Унија. Можеби тоа ќе ни ја врати надежта и нам. Дека еве, можело. Дека проширувањето ќе заврши со вистински прием, со вистинско членство и дека компромисите кои се болни на крајот ќе те седнат на масата на која се носат одлуки. Нека ја примат Црна Гора и веќе нека не ја тупат.
Секоја чест на Ангела Меркел која пред 12 години ја покрена иницијативата за Берлинскиот процес. Секоја чест и на Германија за напорите да го подготви регионот за европска интеграција.
Нека извини Европската Унија, ама многу ја тупат. Ама, стварно ја тупат.
И тие како да не сакаат да се соочат со реалноста. Како да не се свесни што се случува на теренот. Како да не гледаат колку луѓе заминуваат, колку се празнат државите од Западен Балкан, колку се губи довербата во европската идеја и колку простор се отвора за авторитарни политичари што ја хранат својата моќ токму од безнадежноста.
Мислам, стварно ја тупат. За роамингот уште расправаат по самити. Абе за воздухот што ни го шири гласот преку границите на ЕУ уште не можат да се договорат дали ќе престанат да ни го наплаќаат.
Па уште и ни го искомплицира секој контакт со нив со новиот систем за влез и излез и тормозењето по границите. Како да сакаат да нè казнат баш нас, граѓаните на Западен Балкан. Тоа ли е соочување со реалноста на некој си бирократ од Брисел што појма нема колку овие граѓани се врзани меѓу себе со секојдневни контакти со соседите од ЕУ, со Хрватска, Грција, Унгарија, Романија, Бугарија? И фамилијарно, и со мешани бракови, и со бизниси, и со студенти, и со естрада, и со култура, и со пријатели, и со туризам, и со шопинг, и со имоти, и со лекување, свадби, умирачки…
Па луѓе мои, драги европски пријатели, што толку страшно ќе видите од нас, што досега не сте виделе?
4 И така, додека чекав во колоната на уште еден граничен премин на моето патешествие од Црна Гора, преку Албанија и Косово до дома, си помислив дека за 12 години Берлински процес единственото што сигурно се сменило се германските канцелари – Меркел, Шолц, па Мерц.
А ние сме исто толку одалечени и меѓу себе и исто така далеку од ЕУ како и пред 12 години.
АУДИО ПОДКАСТ


