ВО ВАТИКАН СЕ ОТВОРИ ИЗЛОЖБА НА ПАПСКИ АВТОМОБИЛИ ОД 1930 ГОДИНА ДО ДЕНЕС

    ВО ВАТИКАН СЕ ОТВОРИ ИЗЛОЖБА НА ПАПСКИ АВТОМОБИЛИ ОД 1930 ГОДИНА ДО ДЕНЕСНајстариот експонат е моделот од 1930 година. (Фото: АП)

    Во Ватикан се отвори изложба на папски автомобили, на која се претставени осум историски возила од марката „мерцедес“, користени од поглаварите на Римокатоличката црква во изминатите стотина години. Изложбата „Еден век папски автомобили“, поставена во Ватиканските музеи, ја прикажува историјата на специјално изработените возила со кои папите патувале и се среќавале со верниците.

    Најстариот изложен автомобил е „мерцедес-бенц нурбург 460“, кој папата Пиј Единаесетти го добил на подарок во 1930 година. Луксузното возило има фотелја обложена со свилен брокат и детали изработени од скапоцено дрво и метал.

    Меѓу експонатите е и моделот од 1960 година изработен за папата Јован Дваесет и трети со странични прозорци што можеле да се отстранат за папата полесно да комуницира со верниците. Посебно внимание привлекува и автомобилот од 1980, направен за посетата на папата Јован Павле Втори на Германија, кој првпат добил висока проѕирна купола за подобра видливост и безбедност.

    „Мерецдес-бенц“ од 1965. (Фото: АП)

    „Папските автомобили се изработувале така за да може папата да биде виден, но и самиот да ги гледа луѓето, со целосна безбедност и удобност“, рече Сандро Барбаљо, кустос во Ватиканските музеи.

    Папата Лав Четиринаесетти, кој се сретна со раководството на „Мерцедес“, рече дека папските автомобили со текот на времето прераснале од обично превозно средство во начин за непосредна средба со верниците. Тој го спомна и првиот целосно електричен папски автомобил, изработен за папата Фрањо во согласност со неговите заложби за заштита на животната средина.

    Изложбата ќе биде отворена до 31 јануари 2027.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира