СУДИЈКАТА МИХАЈЛОВА НЕЗАДОВОЛНА ШТО РИБАРЕВ ЈА УНАПРЕДИЛ ВО ШЕФИЦА НА ОДДЕЛОТ ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА

    СУДИЈКАТА МИХАЈЛОВА НЕЗАДОВОЛНА ШТО РИБАРЕВ ЈА УНАПРЕДИЛ ВО ШЕФИЦА НА ОДДЕЛОТ ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈАПоранешната в.д. претседателка на Кривичниот суд Татјана Михајлова е меѓу 17-те судии кои на Врховен суд го обжалија Годишниот распоред за работа што го донесе новиот претседател Стојанче Рибарев (Фото: Мета/СДК)

     

    Врховните судии утре на општа седница ќе гласаат за приговорите на 17-мина судии од Основниот суд Скопје 1 кои се незадоволни од Годишниот распоред за работата на судиите, што го донесе новиот претседател Стојанче Рибарев. Меѓу незадоволните судии кои приговарале против распоредот на Рибарев била и неговата претходничка Татјана Михајлова, која беше в.д. преседателка, и која го суди експремиерот Никола Груевски за нарачаните шамари за градоначалникот на Центар Андреј Жерновски. Таа со новиот распоред на Рибарев, е унапредена во шефица на Одделот за организиран криминал и корупција.

    САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во судот неофицијално дознава дека Михајлова во приговорот навела оти сака да биде преместена во Судот за прекршоци или во Одделот за извршување, што се сметаат како деградирање од судија за полнолетни или за судија од организиран криминал.

    Извори од Основниот суд Скопје 1 велат дека утрешната општа седница е незаконска, бидејќи на најмалку две судијки кои биле на боледување и подоцна поднеле приговор по претходниот распоред што го донесе на Михајлова како в.д. претседателка, Врховниот суд сѐ уште не им одговорил, а тргнува да разгледува приговори од наредниот распоред.

    Неофицијално, приговор поднела и судијката Гордана Спировска, која како претседател на Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 ја потврди мерката притвор на СЈО против осомничениот бизнисмен кој е во бекство Сеад Кочан во случајот „Труст“. Рибарев неа ја преместил во судија по предмети по стариот Закон за кривична постапка.

    Приговори поднеле и судиите Марија Клетничка, Софче Гаврилова, Драган Николовски, Славица Андреевска, Весна Димишкова, која е преместена во оддел со плата помала за 6.000 денари, судијата Седат Реџепагиќ и други.

    Најнезадоволни биле судиите кои велат дека без никаква причина биле преместени од кривичниот оддел за полнолетни во Судот за прекршоци во Градскиот парк. Првин мислеле дека таму има зголемен обем на работа, па затоа ги преместуваат како времено засилување на колегите од Прекршоци, но кога се информирале дека таму опаднал бројот на предметите дури за 30 отсто во однос на минатата и годините пред неа, избувнал револт кај нив. Тие бараат одговор од Рибарев и од Врховниот суд зошто се преместени против нивна волја.

    Судии од Основниот суд Скопје 1 велат дека овој распоред бил уште полош од претходните, на поранешната в.д. претседателка Татјана Михајлова и на експретседателот Владимир Панчевски. Против распоредот на Михајлова, која направи обид да ги изолира неподобните судии од предметите на СЈО, Врховниот суд прифати седум од осумте поднесени приговори. Истото се случуваше и претходно, со обидите Панчевски да го менува распоредот неколку пати во годината, во зависност од тоа како доаѓаа предметите на СЈО.
    Новиот претседател на Кривичниот суд за заменик-претседател ја именувал Славјанка Јанковска, судијката која ги отфрли бомбите на опозицијата како докази во постапките што ќе ги води Специјалното обвинителство пред Кривичниот суд. Елена Јосифовиќ, Александра Поп Стефанија и Лидија Петровска, за кои СЈО поведе постапки за утврдување одговорност или бараше и не доби нивно изземање поради поврзаност со бомбите, ги распоредил во одделот за организиран криминал, како судии во претходна постапка.

    Судијките Александра Поп Стефанија и Елена Јосифовиќ беа споменати и во извештајот на Стејт департментот за човекови права и слободи за 2016, бидејќи имаше реакции за нивната партиска и бизнис релација со власта, а и поради скромното петгодишно искуство како судии, за одговорно место како судии во претходна постапка во одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1.
    Панчевски, пак, освен што ќе води истраги во претходна постапка во организиран криминал, ќе раководи и со кривичен совет во кој ќе учествуваат и судиите Љубинка Башеска, која пред да биде повлечено обвинението, го одложи „Пуч“ на неопределено време, без да го повика единствениот тогашен сведок на СЈО Никола Груевски. Во кривичниот совет, кајшто СЈО се жали за одбиените мерки притвор и мерки за обезбедување присуство, ќе членува и Лидија Петровска, која во бомбите на опозицијата беше спомената како сваровски судијката.

    Врховниот суд утре ќе расправа и за Барањето за изземање  на претседателот Јово Вангеловски, што го поднесе Специјалната обвинителка Катица Јанева на 30 март. Таа бара Вангеловски да се изземе од одлучување во кривичниот совет на Врховниот суд, за Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) на мерката притвор на избеганиот бизнисмен Сеад Кочан, што на 27 март го поднесе јавниот обвинител Марко Зврлевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира