Датумите 23 февруари 2028 и 21 февруари 2029 се условно дадени за свеченото отворање и затворање на манифестацијата „Скопје-Европска престолнина на културата 2028“.
Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ ја објави работната верзија на Програмата за култура на својата официјална интернет-страница и ја отвора за јавна консултација. Целта е, како што велат оттаму, во нејзиното обликување да учествуваат не само институциите, туку и сите што создаваат, поддржуваат или сакаат да придонесат кон културниот живот на градот, „затоа што програмата на Европската престолнина на културата треба да биде програма на целиот град“.
Во септември 2023 Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка. Скопје ќе ја дели титулата со градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција. Поранешниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски е директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата 2028“.
Според документот, културната програма ќе се развива низ четири меѓусебно поврзани и преклопени етапи: „Култура над поделбите“, „Каде што се среќаваме“, „Оживеј го Скопје“ и „Заедничка иднина“
„Култура над поделбите“ е појдовната етапа. Таа ја поставува културата како простор во кој различните искуства, идентитети и погледи можат да се сретнат, да бидат слушнати и критички преиспитани. „Нејзината цел не е да ги прикрие конфликтите или да наметне согласност, туку да создаде услови за дијалог, уметничка слобода и нови форми на разбирање“, вели Фондацијата.
- ДВЕТЕ ГЛАВНИ ЛОКАЦИИ, ПОШТА И УНИВЕРЗАЛНА САЛА СЕ ИЗГОРЕНИ, А ОСТАНА УШТЕ ГОДИНА И ПОЛ ДО „СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА“
- ЧЕКАМЕ ВЛАДАТА ДА НИ ЈА ДАДЕ ЗГРАДАТА НА ПОШТАТА ЗА ДА БИДЕ МЛАДИНСКИ ЦЕНТАР ЗА СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ
Свечената церемонија за отворање е условно закажана за 23 февруари 2028, а централна локација е Камениот мост во Скопје. Насловот е „Големото будење: Култура над поделбите”.
„Тридневно градско преземање засновано на ’Градот се буди’ со „Европски оркестар за Скопје’ и светлосната маршрута ’Светлината на Скопје’. Кале, Чаршијата, Камениот мост, плоштадот, ГТЦ и Вардар стануваат последователни сцени. Мостот е симболична точка на средба. Церемонијата го отвора европскиот културен разговор од позиција на град што ги признава своите различности и ги претвора во основа за заедничко создавање. Таа треба да биде современа, повеќејазична. Активирање од изгрејсонце до зајдисонце низ сите општини. Голема речна интервенција развиена во дијалог со уметници, која воведува привремена, еколошки безбедна трансформација на Вардар преку боја и светлина, замислена како колективно визуелно искуство. Сите ефекти се реализираат преку светлина, рефлексија и проекција, без хемиски средства“, стои меѓудругото во работната верзија.
Свеченото затворање е условно закажано за 21 февруари 2029, насловено „Заедничка иднина“.
„Затворањето е четвртата арка на Програмата. Тоа не е крај, туку јавна манифестација на наследството и на преминот кон последната етапа: ’Заедничка иднина’ (Common Future (Joint Future). Затворањето се развива како градска секвенца од меѓусебно поврзани настани, структурирани низ институционални, урбани и јавни простори. Лансирање на нов модел на библиотека, активирајќи клучни институции како Универзитетската библиотека ’Свети Климент Охридски’ и Библиотеката ’Браќа Миладиновци’. Активирање на Шалтер-салата на Главна Пошта како Уметничка сала или Музеј на европско културно наследство како централен хаб за изложби, истражување, јавни програми, меѓународни платформи и современо уметничко триенале. Концерт-омаж инспириран од Есма Реџепова; концерт на македонски пијанист во Македонската филхармонија; диџеј програма на Плоштад Македонија. Премиера во Македонскиот народен театар. Голем светлосен фестивал долж Вардар“, се дел од наброените точки во работната верзија за затворањето.
- ОБЈАВЕНИ ТРИ ПОВИЦИ ЗА ПРОЕКТИ ЗА „СКОПЈЕ 2028“ ВО ВРЕДНОСТ ОД 3.000 ДО 150.000 ЕВРА
- ЗАКОНОТ ЗА „СКОПЈЕ 2028“ НЕ Е ПОРАЗЛИЧЕН ОД ТОА ШТО БИЛО ВО ХЕЛСИНКИ, НО ЗА ДА НЕМА СОМНЕЖ ЌЕ ОДИ НА ЈАВНА ДЕБАТА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
Од Фондацијата ја повикуваат јавноста предлозите и коментарите да ги испратат на [email protected], со предмет „Јавна консултација – Програма за култура на Скопје 2028“.
„Не е потребно да бидете професионалец во културата или да претставувате организација: доволен е краток опис на идејата и објаснување како таа може да придонесе кон културната програма“, вели Фондацијата. Забелешките , коментари и предлози треба да се испратат најдоцна до 23 ноември 2026.
Во наредниот период ќе се организираат и средби со различни фокус-групи од уметничката и културната сцена на Скопје. Преку овие разговори и размената на мислења, Фондацијата ќе ги вклучи различните перспективи и искуства во подготовката на финалната верзија на Програмата за култура.
- ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ НЕМА ДА ВАЖИ ЗА ТЕНДЕРИТЕ ВРЕДНИ 21 МИЛИОН ЕВРА ЗА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“, ЌЕ ГИ СПРОВЕДУВА ФОНДАЦИЈАТА НА ЧЕЛО СО ДИРЕКТОРОТ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ
- ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПАТ ЗА КРАДЕЊЕ ДРЖАВНИ ПАРИ СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ СО КОЈ „СКОПЈЕ 2028“ ЌЕ ТРОШИ БЕЗ ТЕНДЕР, ПЛАТФОРМАТА ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА БАРА ИТНО ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ
Б. НЕСТОРОСКА



