Иако властите во Македонија и Грција официјално не го откриваат идентитетот на лицето кое било цел на планираниот атентат по насоки од ирански државјанин, грчките, израелските и западните медиуми објавија низа информации што фрлаат дополнително светло врз случајот кој предизвика големо внимание во регионот и пошироко, објави Дојче веле. Според грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори блиски до истрагата, цел на атентатот наводно бил израелски извршен директор на компанија со седиште во Атина. Оваа информација досега не е официјално потврдена од ниту една институција, но таа е една од најчесто споменуваните верзии во грчките медиуми.
Дополнителни детали објави и израелскиот медиум „Тајмс оф Израел“, кој пишува дека можна мета биле еден или повеќе израелски бизнисмени кои живеат или работат во Грција. Според истиот извор, израелските власти навреме биле информирани за заканата, а потенцијалните мети биле предупредени да преземат мерки на претпазливост.
Вчера, директорите на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев соопштија дека e разоткриена мрежа од шест македонски државјани кои преземале подготвителни логистички активности за атентат врз лице во Грција по инструкции на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване. Во акцијата се уапсени пет лица, додека по шестото сè уште се трага. При претресите биле пронајдени оружје, муниција, мобилни телефони, компјутери и материјали поврзани со истрагата.
Грчките медиуми последните денови објавуваат анализи и информации повикувајќи се на свои извори, при што се споменуваат неколку можни сценарија. Според дел од написите, мета можеби бил грчки бизнисмен со еврејско потекло. Во други извештаи се наведува дека станува збор за Израелец кој управувал со голема компанија во Грција, додека трета верзија упатува на лице поврзано со израелски интереси во земјата. Сепак, за ниту една од овие информации нема официјална потврда од грчките или македонските власти. Медиумите во Грција исто така објавија дека нападот бил планиран така што би изгледал како пресметка во подземјето или расчистување сметки меѓу криминални структури. Според анализите, на тој начин можела да се сокрие евентуалната поврзаност со ирански мрежи.
Во центарот на вниманието е и лицето уапсено во Грција. Грчките медиуми објавија дека станува збор за 30-годишен македонски државјанин, кој бил прогласен за непожелен од безбедносен аспект. Весникот „Катимерини“ објави дека тој бил приведен додека се обидувал да ја напушти Грција преку копнената граница со Турција во областа Еврос.
Особено внимание привлече информацијата објавена од „Тајмс оф Израел“ дека во разоткривањето на заговорот помогнала и израелската разузнавачка служба Мосад. Според израелските медиуми, токму меѓународната разузнавачка соработка овозможила навремено откривање на плановите и преземање мерки пред евентуалниот напад да биде реализиран.
Американската агенција АП и весникот „Вашингтон пост“ случајот го ставаат во поширок контекст на активностите на иранските прокси-мрежи надвор од Блискиот Исток. Тие потсетуваат дека Наџи Шарифи Зиндашти, со кого според македонските власти е поврзан иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване, се наоѓа на листата на барани лица на ФБИ поради сомнежи дека организирал киднапирања и атентати врз ирански дисиденти во странство. Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на грчки безбедносни извори, објави дека еден од уапсените веќе дал информации за контактите со организаторите и за средбите што ги имале во Иран. Истите извори тврдат дека дел од членовите на групата патувале во Иран, каде што директно се сретнувале со својот контакт.
Грчката агенција АНА-МПА и француската АФП во своите извештаи велат дека ваквите операции често се изведуваат преку криминални групи од трети земји, со цел да се замагли вистинската позадина и да се создаде впечаток дека станува збор за криминална, а не за политички или разузнавачки мотивирана акција.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду за државната телевизија ЕРТ изјави дека засега не може официјално да потврди кој бил целта на планираниот напад.
„Ние во грчката полиција не знаеме конкретно кој бил целта. Тоа е нешто што го знае Националната разузнавачка служба и таа веќе ги презела потребните мерки“, рече Димоглиду, додавајќи дека текот на истрагата треба да покаже дали станувало збор за планирано убиство на конкретно лице или за поширок терористички план.
Директорот на АНБ, Христовски, изјави дека безбедносната состојба во Македонија останува стабилна и дека нема сознанија за планирани активности на мрежата на македонска територија. Сепак, тој предупреди дека безбедносните институции остануваат внимателни поради пошироките регионални и глобални закани поврзани со ирански прокси-структури.



