Оперскиот пејач Игор Дурловски поднесе оставка од местото директор на Македонската опера и балет (МОБ) и од професор на Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Оставката ја објави денес на својот профил на Фејсбук, каде вели дека 25 мај ќе биде негов последен работен ден како директор на МОБ, а оставка од професор на ФМУ ќе поднесе по завршувањето на испитната сесија.
Дурловски беше еден од тројцата организатори и водачи на протестите на „Четврт Илинден – За заедничка Македонија“, заедно со Богдан Илиевски и Борис Дамовски и беше присутен во Собранието за време на насилствата што се случија на 27 април.
„Жалам што сите овие општествени превирања се случуваат во година кога одбележуваме два значајни јубилеи и со кои требаше да создадеме нова страница со врвни уметнички достигнувања. За жал, а можеби некому за среќа, ниту МОБ не беше поштеден од негативните ефекти од наметнатите општествени услови кои се одразија врз целокупната работна атмосфера, расположението на нашата публика, безбедносниот скептицизам на дел од нашите гости-уметници, и ред други помалку значајни нешта“, вели Дурловски во фејсбук објавата и потенцира дека ова не бил „ниту политички став, ниту став за уметничката дејност на Македонската опера и балет“.
„За првото секој има право на сопствена определба или неопределба (што секогаш сум го почитувал), а за уметноста сме разговарале со многумина од вас и верувам дека и понатаму ќе го правиме истото во различни прилики“, вели Дурловски.
За тројцата водачи на „За заедничка Македонија“ МВР побара од Скопското обвинителство одредување притвор или одземање на патните исправи, зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието на 27 април. МВР бара од Основното јавно обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување.
„МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното натамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата од 27.04“, стои во соопштението на МВР од 30 април.