УЕФА на 15 јуни испратила писмо до Фудбалската федерација во кое бара пишани и финансиски гаранции од македонската влада со кои што ќе потврди дека работата на стадионот „Филип Втори“ ќе биде комплетирана најдоцна до 21 јули за се да биде подготвено за Суперкупот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август. Во писмото, до кое што дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, се наведени сите недостатоци на стадионот, кои што треба да бидат санирани до споменатиот датум, кога во Скопје ќе дојде инспекција на УЕФА.
“Од увидот направен неделава, изгледа дека на фасадата и просториите на нивото 0 на Северната трибина се уште се прават важни реновирања и најголем дел од работите во врска со струјата, климата, светлата, делот за телевизиите и интернет сервисите не се комплетирани навреме. На помалку од 2 месеца до натпреварот, ова е загрижувачки за УЕФА, бидејќи го загрозува успешното одржување на Суперкупот на УЕФА. Затоа, важно е да се добијат пишани и финансиски гаранции од македонската влада, која што ќе потврди дека работата на стадионот ќе биде комплетирана најдоцна до 21 јули и дека неделни извештаи за статусот ќе бидат испраќани до УЕФА како што беше усно потврдено од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, кое што е надлежно за реновирањето на стадионот“, се вели во писмото од УЕФА до ФФМ.
Владата на синоќешната седница констатираше дека стадионот „Филип Втори“ не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА за одржување на Суперкупот и го задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да изнајдат начин за одржување на УЕФА Суперкупот.
„На денешната седница на Владата констатирани се сериозни пропусти од страна на АД за стопанисување со станбен и деловен простор и на претходната Влада, во реализацијата на преземената обврска за одржување на УЕФА Супер купот 2017 на Арената Филип 2, со оглед дека стадионот не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА“, соопшти Владата.
Во писмото, пак, УЕФА точно наведува кои се недостатоците кои што треба да се остранат за стадионот „Филип втори“ да биде спремен за одржувањето на Супер купот на 8 август.
Таксативно се наброени следниве недостатоци:
- Клима уредите на стадионот не се поврзани со УПС системот.
- Не е јасна комуникацијата меѓу персоналот на стадионот и добавувачот на електрична енергија.
- Нема инсталирано електрична енергија во делот за телевизиите.
- Нема инсталирано вентилација во салата за прес-конференции.
- Нема поставено 50 телевизори од 50 инчи во различни делови од стадионот.
- Дел од опремата за Ви-Фи не е инсталирана
- Не е доставен дизајн на интернет мрежата.
- Не е поставена подлога од бетон за камионите за ТВ продукциите.
- Нема водовод и одвод на местото предвидено за ТВ продукциите.
- Не се поправени протекувањата на вода во делот за работа на медиумите.
- Не е комплетиран делот за работа на фотографите.
- Нема телевизори во делот за работа на медиумите.
- Не се функционални тоалетите во делот за младинските категории.
- Не се заменети скршените/оштетените столчиња во делот за карти.
- На ниту едно место стадионот не смее да изгледа како градилиште.
- Не се направени козметички подобрувања (бојосување) и чистење на внатрешниот дел од стадионот и има уште многу работа во тој дел. Исто и за надворешниот дел на стадионот.
- Нема споделено комплетен и детален план за евакуација на стадионот.
- Не е јасно дефиниран оперативен план за персоналот на стадионот.
Г. ТРПЕНОСКИ