СЕДУМ ГОДИНИ НЕКОЈ ГИ ПАЛИ ДРВЦАТА НА РИДОТ КРКАРДАШ НАД БИТОЛА, ПОЛИЦИЈАТА НЕ ФАТИЛА НИКОГО

    СЕДУМ ГОДИНИ НЕКОЈ ГИ ПАЛИ ДРВЦАТА НА РИДОТ КРКАРДАШ НАД БИТОЛА, ПОЛИЦИЈАТА НЕ ФАТИЛА НИКОГОНадлежните институции, пожарната и полицијата, досега не соопштиле кои се причините за пожарите кај Кркардаш. Секогаш велат дека причините дополнително ќе се утврдуваат. Со години во јавноста не е соопштено дека бил фатен и казнет некој од потпалувачите; - по последниот пожар од минатата недела (Фото: СДК.МК)

    Изгореа неколку стотици млади дрвца кои се имаа зафатено по акциите за пошумување на екологистите и група граѓани на ридот Кркардаш над Битола. Пепел и пустош остана по последниот пожар од пред неколку дена. Никако да се обнови едното белодробно крило кое Битола го загуби пред десетина години во големата огнена стихија што ги проголта шумските појаси на ридовите околу градот. За среќа, тогаш не беше зафатено другото белодробно крило, односно Пелистер. Од 2007 наваму, скоро секое лето избувнуваат други помали пожари кои ги  уништуваат младите насади и зеленилото никако да се врати на ридот.

    Некои посовесни граѓани кои учествуваа во гаснењето на неодамнешниот пожар раскажуваат дека секоја година некој го пали ридот на истото место, а никој до сега не одговарал за тоа.

    Никако да се обнови едното белодробно крило кое Битола го загуби пред десетина години во големата огнена стихија што ги проголта шумските појаси на ридовите околу градот (Фото: СДК.МК)

    „Се зборува дека некои семејства кои живеат од социјална помош преку лето намерно го потпалуваат ридот за потоа да може да ги сечат дрвјата кои огнот малку ќе ги оштети и да ги  користат преку зима за огрев. Постојат и сомнежи дека на ова жешко време се запалува депонијата која несовесни граѓани ја направија на ридот оставајќи таму секакви видови смет“, вели Никола Јовановски, жител на населбата Баир под ридот Кркарадаш.

    Надлежните институции, пожарната и полицијата, досега не соопштиле кои се причините за пожарите кај Кркардаш. Секогаш велат дека причините дополнително ќе се утврдуваат. Со години во јавноста не е соопштено дека бил фатен и казнет некој од потпалувачите.

    Постојат и сомнежи дека на ова жешко време се запалува депонијата која несовесни граѓани ја направија на ридот оставајќи таму секакви видови смет (Фото: СДК.МК)

    Од здружението „За нас се работи“, кое годинава и лани  организираше неколку акции за пошумување на ридот Кркардаш, велат дека тешко се обновува едното белодробно крило на градот зашто недостига помасовна граѓанска акција.

    „Засадените дрвца кои се зафатија на ридот кај Кркардаш изгореа, а заедно со нив и дел од постоечките дрвја. Битолчани тешко се активираат, секогаш чекаат некој друг да им го реши проблемот. Додека им гори на 15 метри од куќите некои од нив се занимаваат со  друга работа. Нема масовност ни при засадување. Доаѓаа мали групи по 20 до 30 лица, а обновувањето на шумскиот појас околу градот е декаден процес, не е за фотогрфирање. Битола стана арена во која има само публика, а нема борци“, вели Дуле Груевски од здружението „За нас се работи“.

    Зелениот појас околу Битола беше шума засадувана пред триетина години со работни акции. Носеше разладување на амбиенталната клима, прочитување на воздухот, спречување на ерозија на ридското земјиште.

    Директорот на битолската подружница на „Македонски шуми“ Митко Стојановски вели дека во другите делови од ридовите, на излезот од Битола, акциите за пошумување биле успешни. Се зафатиле 64 проценти од посадените дрвца, но повидливи резултати вели дека ќе има за три-четири години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира