ВРХОВНИОТ СУД НЕ РАСПРАВА ОТИ ЦЕЛА НЕДЕЛА АПЕЛАЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА ГО КОМПЛЕТИРА ПРЕДМЕТОТ ЗА ПРИТВОРИТЕ НА СОРАБОТНИЦИТЕ НА МИЈАЛКОВ

    ВРХОВНИОТ СУД НЕ РАСПРАВА ОТИ ЦЕЛА НЕДЕЛА АПЕЛАЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА ГО КОМПЛЕТИРА ПРЕДМЕТОТ ЗА ПРИТВОРИТЕ НА СОРАБОТНИЦИТЕ НА МИЈАЛКОВПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски вели дека во Врховниот суд уште ништо нема пристигнато од СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Тече шестиот ден како не се спроведува мерката притвор против ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, шефот на кабинетот на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, и против Никола Бошковски, вработен во УБК, кој бил под директна команда на Грујовски во предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

    Цел викенд одговорот на жалбата патува од Апелациониот суд Скопје до Врховниот суд, иако се зграда до зграда и се оддалечени само 5 метри. Апелациониот суд Скопје, по жалба на Специјалното обвинителство, на Грујовски, Јакимовски и на Бошковски им одреди притвор уште во вторникот, на 18 јули.

    Во петокот (21 јули), кога СЈО ги примило жалбите поднесени од тројката со мерка притвор, веднаш пратило одговор на жалба до Апелациониот суд Скопје, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од ова Обвинителство.

    Бидејќи истекоа законските 48 часа за да одлучи Врховниот суд по жалбите, го прашавме претседателот на највисокиот суд Јово Вангеловски, како одлучил кривичниот совет чиј претседател е тој, за притворот на Грујовски, Јакимовски и Бошковски, но Вангеловски ни кажа дека во Врховниот суд уште ништо нема пристигнато од СЈО.

    „Во Врховниот суд имаме потврда само дека Специјалното обвинителство ги примило жалбите, а одговор на жалба немаме  уште. Не сум на работа во моментов, но колку што знам ништо не е стигнато во Врховниот суд, ни одговорот на жалбите, ни потврдата дека секој од обвинетите кои добија мерка притвор, го примиле одговорот од СЈО, секој за својата жалба. По комплетирање на предметот, петчлениот совет на Врховниот суд ќе одлучи“, ни изјави синоќа Вангеловски.

    Кога Апелациониот суд ќе ги комплетира жалбите – одговорите на жалби, потврдите за прием на одговорите на жалби… И кога ќе биде однесен предметот во соседната зграда на Врховниот суд, за дури тогаш да почнат да течат 48-те часа за одлука на Врховниот суд, уште не се знае.

    Притворите за „Таргет“ и „Тврдина“, кои се однесуваат на тоа кој прислушувал масовно илјадници граѓани без судска наредба и кој ја уништил опремата за прислушување во МВР, само да се скријат трагите кој навистина го вршел прислушувањето со години, уште од моментот на одлуката на Апелациониот суд за притвор, го следат преседани.

    Прво, Грујовски, Јакимовски и Бошковски три дена не ги примаа решенијата за притвор, за да поднесат жалби. Кога обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски јавно укажа дека тоа одбегнување секогаш оди на негативно конто на еден обвинет, ги примија. Поднесоа жалби во законскиот рок, но сега повторно се отежна комуникацијата и место да има одлука од Врховниот суд викендот, предметот уште не бил стасан таму.

    Најголемиот преседан, сепак, е што сите останати граѓани на кои им било досега одредувана мерка притвор на барање на Обвинителството на Марко Зврлевски, биле веднаш носени во Шутка, а кај обвинетите од СЈО, се прави исклучок.

    Се направи исклучок првин со непритворањето на обвинетиот бизнисмен Сеад Кочан од случајот „Труст“, а сега продолжи со тројката од „Таргет“ и „Тврдина“. А Законот за кривична постапка е јасен: „Правото на жалба, не го одлага спроведувањето на мерката притвор“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира