ПРИТВОР ЗА ГОРАН ГРУЈОВСКИ И ЗА НИКОЛА БОШКОВСКИ, ЈАКИМОВСКИ ОСТАНУВА И БЕЗ ДРУГИОТ ПАСОШ

    ПРИТВОР ЗА ГОРАН ГРУЈОВСКИ И ЗА НИКОЛА БОШКОВСКИ, ЈАКИМОВСКИ ОСТАНУВА И БЕЗ ДРУГИОТ ПАСОШНа Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Гордана Јанкулоска, му е преиначена одлуката за притвор. (Фото: СДК.МК)

    Ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски и неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање одат во притвор, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од Врховниот суд.

    Петчлениот казнен совет, со кој раководи претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, на третиот обвинет кој доби притвор од Скопска апелација, Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, му ја преиначил одлуката за притвор. Со одлука на Врховниот суд, покрај македонскиот пасош, одземен му е како мерка за обезбедување и дипломатскиот пасош.

    Јакимовски работи во СЕЛЕК центарот во Романија. Тој е генерален директор на југоисточниот центар за спроведување на законот. Со тоа што му се одзема пасошот, според неофицијалните информации, тој веќе нема да може да ја извршува функцијата.

    Сите тројца се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.

    Грујовски е главниот обвинет во „Тврдина“ и „Таргет“. Бошковски, пак, според обвинението, е извршителот на наредбите на тогашниот началник Грујовски.

    Неофицијално, Врховниот суд, кој одлучуваше по жалбите на одбраната на одлуките за притвор на Апелациониот суд од 18 јули, овие одлуки треба да ги објави околу 14.30 или 15 часот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира