ЈАВНИОТ СЕРВИС МРТВ НЕ ВРШЕЛ ПРЕНОС ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ОТИ ВЛАДАТА НЕ ПОБАРАЛА, ТВРДИ ГЛАВНИОТ УРЕДНИК РАТАЈКОВСКИ

    ЈАВНИОТ СЕРВИС МРТВ НЕ ВРШЕЛ ПРЕНОС ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ОТИ ВЛАДАТА НЕ ПОБАРАЛА, ТВРДИ ГЛАВНИОТ УРЕДНИК РАТАЈКОВСКИПремиерите Зоран Заев и Бојко Борисов денеска во Владата го потпишаа историскиот договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија (Фото: Ѓ. Личовски)

    По завршувањето на церемониите за пречек на премиерот на Република Бугарија и членовите на бугарската влада и на потпишувањето на историскиот договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, за кои Македонската радио-телевизија (МРТВ) немаше директен пренос, одговорниот директор во јавниот сервис Диме Рајтаковски со допис до САКАМДАКАЖАМ.МК го објаснува бојкотирањето на јавниот сервис на овие настани.

    Рајтаковски тврди дека јавниот сервис само на покана од Владата врши директен пренос од настани и посети на високи гости на премиерот или на Владата. Во случајов, вели Ратајковски, кабинетот на премиерот Зоран Заев не ја поканил МРТВ да врши пренос во живо. Средбата меѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, која е прва со странски премиер од почетокот на мандатот на Заев и на која се потпиша историскиот договор, тој ја нарекува протоколарна.

    „Јавниот сервис никогаш не прави директни преноси од политички протоколарни средби на Премиерот, претставници од Владата и Претседателот на Р. Македонија, без разлика која политичка партија е на власт. Исклучок се прави, единствено по барање на Владатата или на Претседателот. Тогаш јавниот сервис ги става на располагање своите технички капацитети, ако Владата или Кабинетот на Претседателот сметаат дека има потреба од тоа, се разбира со претходно одобрение на програмскиот колегиум на МТВ. Во конкретниот случај, со посетата на бугарскиот премиер и делегација на Р. Бугарија, Владата на Р. Македонија не пројави интерес за директен пренос од страна на МРТ. Јавниот интерес од сите протоколарни средби на државните органи во Р. Македонија, ги обработува единствено преку дневно-информативните вести, дневници или дебатни емисии. Единствениот интерес на јавниот сервис се директните преноси од државните свечени академии и настани по повод државните празници”, стои во дописот на одговорниот уредник на МРТВ Ратајковски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК побара од Ратајковски барем неколку примероци од писмени барања на поранешниот премиер Никола Груевски или на претседателот Ѓорге Иванов во последиве 5 години, со кои од јавниот сервис побарале да вршат директни преноси од посета од премиери, претседатели и други високи гости од странство. Ратајковски на тоа забележа дека не сме го почекале писмениот одговор кој ни го најави за во 17 часот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК поради итноста, ги праша генералниот директор на МРТВ Марјан Цветковски и главниот уредник Диме Ратајковски по телефон и преку смс порака зошто нема пренос во живо од денешните важни настани во Владата и зошто јавноста може само од приватни снимки постирани на Фејсбук да ја следи церемонијата на пречекот и на потпишување на договорот. Бидејќи од Ратајковски не добивме одговор веднаш, туку ни пиша да го почекаме до 17 часот, текстот го објавивме два и пол часа порано.

    „Поради непрофесионалноста на САКАМДАКАЖАМ.МК, никогаш повеќе нема да соработувам со вашата редакција“, рече Ратајковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира