ЗАЕВ УШТЕ НА 28 АПРИЛ ГО ОБВИНИ ИВАНОВ ЗА ОРГАНИЗИРАН ОБИД ЗА НЕГОВО УБИСТВО

    ЗАЕВ УШТЕ НА 28 АПРИЛ ГО ОБВИНИ ИВАНОВ ЗА ОРГАНИЗИРАН ОБИД ЗА НЕГОВО УБИСТВОНа прес-конференцијата на 28 април беа видливи последиците од „емотивниот настап на револтираните граѓани“ врз пратениците Зоран Заев, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски (Фото. СДК.МК)

    Само еден ден по нападот на Собранието на 27 април, премиерот Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков се организатори на обидот за негово убиство.

    „Насилството врз новинарите и легитимно избраните претставници на народот во Собранието беше организирано од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Митко Чавков и нивни соработници, кои не сакаат мирен трансфер на власта. Ова вчера беше обид за убиство со умисла и по план“, изјави Заев на прес-конференцијата на 28 април.

    Иванов предложи амнестија за насилниците од 27 април – на сликата од почетокот на мај му предава орден наменет за МОБ на директорот Игор Дурловски кој беше еден од тројцата што организираа протести кои доведоа до организираниот напад на Собранието (Фото: МИА)

    Обвинувањето на Заев станува повторно актуелно, откако српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ синоќа изјави дека бил присутен во Собранието на 27 април со дозвола од Кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот Синиша Алексовски.

    Вечерта на 27 април, претседателот Иванов се обрати на прес-конференција од вилата на Водно нешто по 22.30 часот, кога ситуацијата во Собранието веќе се смируваше и повика на лидерска средба за, како што кажа, „да ги разгледаме сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастаната состојба“. Во тоа време двајца од лидерите Зоран Заев и Зијадин Села веќе беа со скршени глави. Никола Груевски тој ден беше во Виена и одржа прес-конференција во 4.30 часот наутро по враќањето во земјава.

    Лидерска средба не се одржа, откако тројца од лидерите, Зоран Заев, Зијадин Села и Али Ахмети ја одбија поканата.

    На 28 април стигна соопштение и од руското министерство за надворешни работи, повторувајќи го ставот на Иванов искажан на прес-конференцијата претходната вечер, дека решението на кризата на Македонија може да се најде само со внатрешен дијалог без надворешни притисоци.

    Исто така, на 28 април, директори и шефови во јавните институции ги пуштаа вработените порано да си одат дома со објаснување дека во 17 часот војската ќе излезе на улиците по прогласување на воена состојба. Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство или претседателот на државата ако Собранието не може да се состане.

    Уште нема вести до каде е истрагата на обвинителството. На снимките од собраниските безбедносни камери што на 22 мај ги објавија телевизиите „Телма“ и „АлсатМ“ се гледа дека Крсто Мукоски ја отвара вратата, а шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и Јохан Тарчуловски ја координирале акцијата за нападот на пратениците од мнозинството на 27 април

    На 17 мај, набрзо откако му го даде мандатот за формирање влада на Заев, Иванов во телевизиско интервју предложи амнестија за насилниците за и онака благите кривични дела за кои ги обвини обвинителството на Марко Зврлевски. Иванов во интервјуто не спомна за тешките повреди и психички трауми што ги предизвикаа насилниците кај пратениците, новинарите и собраниското обезбедување, не спомна ни збор дека организирано, со помош на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ беа пуштени во Собранието и однесени точно каде треба да кршат и маваат, туку рече дека нивните дела повеќе биле израз на емоции.

    На 31 мај, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја презеде истрагата за 27 април од Основното јавно обвинителство Скопје со образложение дека станува збор за организиран напад. Последното известување за истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е од 20 јуни, кога соопшти дека во постапувањето по предмет оформен во врска со настаните во Собранието на 27 април, започнало со повикување на граѓани заради прибирање на потребни известувања. Оттогаш нема ништо ново, иако во истото соопштение најавија дека „за натамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана“.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира