СНИМКИТЕ ОД КАБИНЕТОТ НА ЗАЕВ БИЛЕ ПУШТЕНИ ОД СТРАНСТВО, ДЕНЕСКА ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ ПРЕМИЕРОТ ЗА СЛУЧАЈОТ ПОТКУП

    СНИМКИТЕ ОД КАБИНЕТОТ НА ЗАЕВ БИЛЕ ПУШТЕНИ ОД СТРАНСТВО, ДЕНЕСКА ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ ПРЕМИЕРОТ ЗА СЛУЧАЈОТ ПОТКУПОдбраната на Заев има поднесено кривична пријава против Обвинителството за организиран криминал поради пуштање доверлив материјал од ПИ мерки. - Заев на снимката од ПИ мерките, објавена на Јутјуб на 13 мај 2015 година; Заев пред Кривичниот суд (Фото: Јутјуб/СДК.МК)

    Снимките од посебните истражни мерки против премиерот Зоран Заев, направени во неговиот тогашен градоначалнички кабинет во Струмица, се пуштени на интернет од сервер во странство со скриена ај-пи адреса, дознава САКАМДАКАЖАМ.МКод извори на истрагата. На тие снимки се слуша разговор на Заев со бизнисмен, од кој тој наводно бара да му даде поткуп за изградба на црква.

    Според тоа, велат извори од Обвинителството за организиран криминал, интерната истрага не можела да утврди кој ги набавил строго чуваните снимки од ПИ мерките, како и со чија помош го сторил тоа и кој ги објавил. Не може да се утврди ни од каде се објавени, бидејќи трагата одвела до скриена ИП адреса од странство. Обвинителството за организиран криминал нема да ја спори манипулацијата и злоупотребата на видео-снимката од посебните истражни мерки против обвинетиот премиер Зоран Заев, кои незаконски, беа објавени на Јутјуб каналот, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од ова обвинителство.

    Во случајот „Поткуп“ против Заев, судски процес што треба да продолжи денеска во 10 часот, обвинителот, дознаваме, ќе се држи до тоа дека посебните истражни мерки биле прибавени на законит начин. Тоа, според соговорниците, е најважно и е нескршливо во целата злоупотреба со нив.

    Наспроти обвинителството за организиран криминал, одбраната на Заев, која поднесе и кривична пријава против ова обвинителство поради пуштање во јавност доверлив материјал од ПИ мерки, се сомнева во монтиран политички случај со помош на обвинителството на Марко Зврлевски, преку тајно снимање на тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев.

    На последното судење на 27 јуни одбраната побара доказите од посебната истражна мерка против Заев да биде повлечена, бидејќи беше објавена на Јутјуб.

    „Според Законот за кривична постапка секое лице кое на кој било начин располага со сознанија од ПИ мерка, должно е да ги чува како службена тајна. Произлегува дака некое службено лице извршило кривично дело оддавање на службена тајна. Второ, доказите прибавени со оваа мерка се брутално кршење на правата на Заев, но и на приватноста, бидејќи според наредбата за следење и снимање, било нагласено тоа да се случува надвор од домот и од деловниот простор. Бараме судот во оваа постапка да ги изземе снимките од ПИ мерките и да даде право на жалба”, рече тогаш адвокатот на Заев Филип Медарски.

    Застапникот на обвинението Владимир Милошевски пак, рече дека во тек е истрага дали објавените снимки на Јутјуб и на медиумите се исти со оние на цедето предложени како доказ дека Заев бара поткуп од струмички бизнисмен за приватизација на градежно земјиште, кој го сторил тоа, на кој начин го прикачил видеото… Истрагата, рече тогаш Милошевски, уште е во тек.

    На забелешка на судијката Дијана Груевска дека уште пред две години излезе таа снимка на Јутјуб, обвинителот Милошевски рече дека постапката е интерна и тајна и не може да дава детали кој ја објавил таа снимка на социјалните мрежи.

    Судот ќе одлучува за валидноста на снимката, а потоа одлуката ќе треба да стане правосилна. Додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинува премиерот Заев дека го сменил Зврлевски затоа што, како што велат од партијата, го фатил во поткуп, тој во јавноста бара да биде објавена целата снимка, која, според него, на две места била масакрирана и спремена за на социјалните мрежи за негова јавна осуда.

    „Од целосната снимка ќе се види дека немало ниту обид, ниту земање поткуп“, тврди Заев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира