По речиси година и пол одложување од страна на судијката Татјана Михајлова на почетокот на судскиот процес „Шамари и насилства во Центар“, каде првообвинет е експремиерот Никола Груевски, денеска се очекува ова судење конечно да почне. Беа искористени сите законски можности што ги имаат обвинетите и одбраната за постојано одолговлекување, вклучувајќи ја и причината недоаѓање на дел од обвинетите.
Дали ако во случај повторно не дојде некој од обвинетите, обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи ќе бара стражарно приведување, ќе покаже денешното рочиште во Кривичниот суд кое почнува во 10 часот. Таа на последниот неуспешен старт на судењето, на 28 септември, ја предупреди судијката Михајлова дека одлагањето повеќе нема смисла и ако вака се продолжи, случајот ќе застари. Рече и дека нема смисла да се малтретираат сведоците во овој процес, кои редовно доаѓаат за разлика од обвинетите.
Од трети мај ексградоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и уште 20-ина сведоци и оштетени доаѓаат на рочиштата, но фалат обвинети, еднаш двајца, другпат петмина, поради што судијката Михајлова судењето го одложува во континуитет.
На 4 август Скопска апелација ја поби одлуката на судијката Татјана Михајлова да ги тргне доказите од бомбите во кои се слуша како обвинетиот Груевски нарачува насилства и кршење на општина Центар, но и да влезе некој и да му врзе пет-шест јаки шамари на тогашниот градоначалник Андреј Жерновски. Повисокиот суд одлучи овие телефонски разговори со наредбите од Груевски да важат.
Во исто време, во друга судница во истиот суд, ќе се мачи да почне и судскиот процес „Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев за договарање поткуп за изградба на црква во Струмица, додека бил градоначалник. И ова судење се одлага подолг период. Во подготвителната постапка досега одбраната бараше изземање на обвинителот што го застапува обвинението, поради истечен мандат на неговото делегирање во ова Обвинителството за организиран криминал, но предлогот беше одбиен.
Предметот „Поткуп“, како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, во моментов е во Вишото јавно обвинителство, од кое Апелациониот суд Скопје побарал мислење за да донесе одлука дали ќе важат снимките од посебните истражни мерки во овој предмет, објавени пред две и пол години на Јутјуб.
„Предметот е на мислење во Вишото јавно обвинителство, кое според процедурата, должни сме да го побараме. Нема рок во кој треба да се изјасни ова Обвинителство“, ни рекоа од Апелациониот суд Скопје.
На претходното рочишпте на 27 септември, судијката Ленка Давиткова, во име на колешката Дијана Груевска – Илиевска, која го води судскиот процес за „Поткуп“, му врачи решение на Заев со кое таа го одбила неговото барање за изземање на ПИ мерките како доказ. Тогаш Заев најави дека ќе поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје, бидејќи, како што рече, искасапената снимка била производ на монтиран случај на обвинителството на Марко Зврлевски против него, и оти ако постои целосна снимка од разговорот со бизнисменот на кој наводно му барал поткуп, ќе се види дека ни поткуп, ни обид за поткуп имало.
На тие снимки се слуша разговор на Заев со бизнисмен, од кој тој наводно бара да му даде поткуп за изградба на црква. Според тоа што беше објавено на Јутјуб, снимката најмалку еднаш е пресечена.
С. К. ДЕЛЕВСКА