Во куќата на велешкото семејство Ѓоргиеви најдени се 18 пиштоли од марката „нагатнс“, стари 120 години. Пиштолите биле најдени вчера, кога рушеле дел од старата куќа во месноста Мегдан. На пиштолите имало турски знак на полумесечина.
„Пред некое време падна кровот на старата куќа и решивме да расчистуваме. Кога рушевме ѕид кој делеше две соби се појави камара. Кога отворивме, имаше стари пиштоли па повикавме полиција. Пиштолите беа одлично сочувани, сите завикани во завои, само еден оштетен, беше `рѓосан. На нив се гледаше дека се турски, имаше полумесечна. На ѕидот каде беа сокриени, немаше никаков знак, кој ќе укажува дека нешто тука се чува“, вели Иле Ѓоргиев.
Тој со сопругата Софија не знаеле дека може да има такво историско богатство во нивниот дом. Според првичната проценка, пиштолите се од крајот на 19. век. Дека куќата имала значајни сопственици говори и тоа што пред 20-тина години, при реновирање на друг дел, била, пронајдена вреќа со куршуми, но тие биле од пушка, подлоги, не биле револверски.
„Куќата татко ми ја купил 1953 од Трајче Попов, познатиот македонски режисер, татко на режисерот Столе Попов. Тие од кого ја купиле нема информации, но според постарите жители, тука во маалото имало Турци кои по Хуриетот заминале“, вели Иле.
„Нагантс“ револверите ги користела руската царска војска од 1895, а го добиле името по е белгискиот дизајнер Леон Нагант.
Според македонските народни песни, овие пиштили ги користеле и комитите, а со „нагантс“ револвер се самоубил и битолскиот војвода Ѓорги Сугарев, на 24 март, 1906 кога бил сардисан од турски аскер во селото Паралово.
Неговата смрт е опеана во песната „Заплакало е Мариво“ што ја испеја славната Васка Илиева, а во последните стихови се спомнува и самоубиството со „нагатнс“ револвер:
Згрмеја пушки, пушки аскерски, крвави,
сета дружина му ја избија.
Тогај извади нагант револвер, Ѓорѓи Сугарев
самиот крвта си ја пролеа,
самиот крвта си ја пролеа, Ѓорѓи Сугарев,
жив на душмани не се предаде.
Пиштолите се наоѓаат во велешката полиција, која потврди дека вчера биле најдени.
„На 23.11.2017 година околу 13.30 часот при вршење на градежни работи на куќа која се наоѓа на улица ‘Максим Горки’ во Велес, од страна на сопственикот на куќата И. Ѓ. (68) во еден од ѕидовите пронајдени се 18 пиштоли марка ‘нагантс’ калибар 7,62 мм“, соопшти СВР Велес.
П. ПЕЧКОВ