ЦЕЛО СКОПЈЕ ПАРКИРА НА УЛИЦА, ПОЛИЦИЈАТА ТВРДИ ДЕКА КАЗНУВА

    ЦЕЛО СКОПЈЕ ПАРКИРА НА УЛИЦА, ПОЛИЦИЈАТА ТВРДИ ДЕКА КАЗНУВАКолони возила стојат паркирани на улици, булевари, тротоари, па дури и на пешачки патеки на најпрометните места во градот. (Фото: СДК.МК)

    Низ Скопје се паркира кој каде стигне. Колони возила стојат паркирани на улици, булевари, тротоари, на најпрометните места во градот. Од полицијата велат дека казнуваат, но сликата на улиците низ градот кажува нешто сосема друго.

    Возило на полицијата паркирано пред влезот во објектот на МВР за издавање лични документи (Фото: СДК.МК)

    На главните булевари низ градот Партизански одреди, Климент Охридски и Јане Сандански третата лента која е наменета за движење на автобусите од јавниот превоз постојано е блокирана од возила. На дел од овие булевари Град Скопје постави столпчиња за да не можат возилата да се паркираат на пешачките патеки, но тоа не го реши проблемот со непрописно паркирање. Сега возилата слободно си се паркираат на булеварите особено на местата каде има кафулиња.

    Хаос од паркирани возила има речиси на секоја уличка во Дебар Маало и Капиштец (Фото: СДК.МК)

    Пред кафулето „Броз“ на третата лента стојат по десетина автомобили додека нивните сопственици пијат кафе, а иста е сликата на овој булевар и пред ТЦ „Буњаковец“ и пред слаткарницата „Палма“ во Карпош 4. На булеварот Климет Охридски преку ден во паркинг се претворени тротоарите, а навечер првата лента на булеварот скопјани кои излегуваат во клубот „Мамас“ си ја користат за паркинг. Со години паркинг простор е и Кејот на реката Вардар меѓу летните тераси на кафулињата.

    Во населбата Аеродром, третата лента на булеварот Јане Сандански е блокирана пред трговски центри „Капитол“ и „Бисер“, како и пред кафулето „Хепи“. Иста е сликата и околу ТЦ „Мавровка“.

    Пред кафулето „Броз“ на булеварот Партизански Одреди третата лента секојдневно е блокирана од десетина автомобили чии сопствениците пијат кафе во локалот (Фото: СДК.МК)

    Во Општина Карпош проблем со кој се соочуваат жителите се паркирани возила околу ТЦ „Сити мол“, не само на улици и тротоари туку и во зеленило

    Хаос од паркирани возила има речиси на секоја уличка во Дебар Маало и Капиштец. Иако во овои делови на градот е воведено зонско паркирање, се користи буквално секое слободно место каде е забрането паркирање. На тротоарите се паркирани по два реда возила, на улиците од двете страни исто така има коли, а и покрај забраната има и камиони за дотур на роба, па пешаците мора да одат по улица низ сообраќај.

    Коли паркирани на тротоар на булеварот Климент Охридски (Фото: СДК.МК)

    Од Министерството за внатрешби работи тврдат дека постојано преземаат мерки за решавање на овој проблем и дека за 15 дена оваа година казниле 975 граѓани.

    „Одделението за сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје секојдневно работи по однос на спроведување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вклучително и сообраќајните прекршоци за погрешно паркирање. По превземените мерки и активности од страна на сообраќајната полиција од почетокот на годината заклучно со денешниот ден изречени се вкупно 975 мандатни платни налози за сторени прекршоци за непрописно паркирање а подигнати се 823 возила со специјално возило пајак“, велат од МВР.

    Според Законот за безбедност во сообраќајот казната за паркирање на возила на улица е 45 евра а на тротоар 150 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира