ПАЗАРЕЊЕ И ЌАРЕЊЕ

Дали може да изградиме држава како Швајцарија и да живееме без ЕУ и НАТО?

ПАЗАРЕЊЕ И ЌАРЕЊЕ

1 Ајде да пробаме, ние што останавме да живееме во Република Македонија и што не извадивме бугарски пасоши и што немаме работна виза за Германија, ниту зелена карта за Америка, да разговараме разумно за преговорите со Грција и за прашањето за името. Да пробаме без емоции да си одговориме на прашањето: „Што сакаме да постигнеме со преговорите?“.

Се согласувам. Не е фер да се преговара за име. За идентитет па – ич. Не е фер ни тоа што Македонија од осомостојувањето до сега била иклучително кооперативен партнер, а ништо не добила.  Прифативме да влеземе во ОН со привремено име, го сменивме Уставот, го сменивме знамето, потпишавме Привремена спогодба во која експлицитно стои дека Грција не смее да нѐ блокира во интеграциите во меѓународни институции, Грција ја прекрши спогодбата, меѓународната заедница која беше  гарант на Спогодбата тоа го допушти, никој не се потресе, ние добивме пресуда во наша корист во Меѓународниот суд на правдата…  И пак никој од меѓународната заедница не се потресе. Дури викаат – тоа е право, а ова е политика.

Пак сме во 1991 година. Еве, во меѓувреме нѐ признаа со уставно име над 120 земји, меѓу кои и САД, Русија и Кина. Ама, ние сакаме во ЕУ и НАТО.  Ама, не сме силни дури и со пресудата од Хаг да ги убедиме и НАТО и  ЕУ да ја убедат Грција да не ја прекршува Привремената спогодба и да не го блокира влезот во ЕУ и НАТО под привременото име БЈРМ.

И сега, конечно треба да решиме. Не – Дали ќе го менуваме името или не? Туку, дали сакаме да влеземе во ЕУ и НАТО со сите откажувања што таа одлука ја бара од нас. Или, сакаме нешто друго за кое што дома ќе си се договориме. Ама, нешто што е реално изводливо и кое што сме кадарни да го изведеме. Оти, алтернативата ЕУ и НАТО без промена на името е нереална.

Еве, човекот вчера ни кажа. Столтенберг дојде и три пати повтори – решете го проблемот со името и ќе влезете во НАТО. Притоа,  и за Столтенберг од НАТО и за ЕУ решение на проблемот не е „убедете ја Грција да не го менувате името“. Оти да беше тоа решение, ќе го решеа уште во 1995. Или најдоцна во 2008 година, кога во Букурешт бевме пред вратата на НАТО.

Значи, во овој момент, по цели 27 години, глупаво е да се прашуваме „Зошто се пазариме?”. Вистинското прашање е: „Што сакаме од тој пазар да ќариме?

Тешко е, речиси е невозможно да се преговара со Грција, оти таа нема што да изгуби. Ама, до сега ниедна власт во Македонија не излегла со рационален план што сака да постигне во преговорите со Грција. И каква алтернатива е спремна да сработи ако се откажеме од преговорите. Затоа, спорот  за името секогаш се претворал во алатка за внатрешна политичка манипулација. Најрадикално тоа беше во последните 10 години. И се плашам да не се случи тоа повторно. Па да ги изгубиме и следните 25 години.

2 Точно е. Не е фер. А и предлозите на Нимиц во преговорите не се достоинствени. Оти единствен достоинствен предлог е Република Македонија  – ерга омнес. Ама, тоа не е предмет на преговори.

И ај повторно, ние што останавме да живееме во Република Македонија и што не извадивме бугарски пасоши и што немаме работна виза за Германија, ниту зелена карта за Америка, да пробаме рационално да си го измериме достоинството.

Фер ли е 27 години да живееш под стрес дека штом ќе се запролети може пак ќе има војна? Фер ли е целиот работен век да ти помине во надеж дека нешто убаво ќе се случи, додека сите други одат напред? Достоинствено ли е доброволно да се пишеш Бугарин за да добиеш бугарски пасош, само за да обезбедиш достоинствен стандард некаде каде што двојазичноста нема да ти биде проблем? Достоинствено ли е на сите граници да те третираат како криминалец? По пола авион ги враќаат назад со македонските пасоши. А во Европа сме, башка горди потомци на Воинот на коњ. Достоинствено ли е да се живее од странска помош? Додека твоите политичари го бранат името, странците да ти реновираат училишта, да ти градат канализации и водоводи, да ти го чистат ѓубрето, да ти купуваат амбулантни возила, пожарни и рентген апарати и да ти го заштитуваат културното наследство. Достоинствено ли е деца да се лекуваат со смс пораки?

Фер ли е што останавме без лекари, оти и тие избегаа да бараат достоинствен третман на нивната професија? Инженерите учат германски, фармацевтите учат норвешки, а медицинските сестри и без јазик ги примаат секаде, оти сите власти во минатите 27 години достојно им го одбранија достоинството. Македонија останува без интелектуална сила. Без движечка сила за мислење што може да донесе прогрес. Општество без интелектуален крем.

Достоинствено ли е да живееш 11 години во клептократски режим? Достоинствено ли е режимот да ти го нападне Собранието за да остане на власт? Конечно, достоинствено ли е политичарите што сам си ги избрал да те крадат и да те убедуваат дека тоа го прават за твое добро? А ти треба да си среќен дека крадат, ама барем името не го даваат.

3 За момент морав да прекинам со пишувањето, оти од дијаспората ми испратија покана за потпишување петиција против промена на името и против двојазичноста. Од далеку помоќно се брани Македонија.

Сега знам дека ќе ми забележат и ќе речат: „Зарем на картата дека не живееме во Македонија ќе играте?“ Да бе. Баш на таа карта ќе играме, оти вие ја држите в рака. Ќе играме на картата дека се викате Џорџ, Мајкл или Стив. И дека Шпанецот Раул Гонсалес, селекторот на македонската ракометна репрезентација зборува македонски јазик потечно од вас. А не му е мајчин јазик. И ќе играме на таа карта оти вие се занимавате со Македонија само во слободно време. А ние тука живееме. И немаме резервна татковина.

4 И дај сега ние што своеволно останавме да живееме во Македонија, оти сетики и ние во животот сме имале некој друг избор, рационално да го разгледаме проблемот со името. Дали можеме да влеземе во НАТО и ЕУ без да го смениме името? Или, дали може да изградиме држава како Швајцарија и да живееме без ЕУ и НАТО?

Кога ќе ја разгледуваме втората опција, сакам да потсетам на нашиот капацитет да станеме Швајцарија. Живееме во земја во која локалните власти не можат да ги натераат комуналните служби да го исчистат ѓубрето, а полицијата не може да ги тргне колите паркирани на коловоз. За други поголеми цивилизациски аспирации да не зборувам. Како на пример, четирите официјални јазици на Швајцарија.

Ова се фактите. За сѐ друго може да се дискутира на ниво на емоции. На пауза меѓу две патриотски ора.

И така едно 25 години.

Еве една историска перспектива на емотивната дебата:

20 март 1993 – Д.О.О. КООПЕРАНТИ

28 август 1993 – ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

10 октомври 2009 – ТОМ И ЏЕРИ

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира