Заедничката оценка на сите учесници на шест часовната лидерска средба за текот на преговорите со Грција што се одржа синоќа во Клубот на пратеници во Скопје е дека таа имала информативен и конструктивен карактер.
На средбата беа претседателот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Никој од учесниците не сакаше да изнесе детали за разговорите на координацијата за предлотот на медијаторот Метју Нимиц, и дали е изграден национален консензус меѓу политичките субјекти.
Премиерот Зоран Заев по средбата изјави дека е оптимист за решавање на проблемот со името и дека може да се дојде до национален консензус.
„Вечерва беа презентирани и диксутирани предложените идеи од медијаторот Метју Нимиц, по што разменивме информации и мислења и за разговорите меѓу мене и премиерот на Грција Алексис Ципрас. Овој процес бара инклузивност, посветеност и политичка одговорност со цел градење национален консензус. Со решавањето на билатералниот спор кој трае 25 години имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ“, рече Заев.
Тој потенцираше дека за решавање на проблемот неопходно е вклученост на Владата, опозицијата, претседателот на државата, како и навремено информирање на јавноста.
„За решавање на името, потребна е политчка волја и многу храброст од наша страна, но решение е можно доколку таква политичка волја и храброст постои и на грчката страна“, додаде Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека Република Македонија мора да биде дел од НАТО и од ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на националните интереси.
За предлозите што ги презентирале премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров, Мицкоски рече дека помалку или повеќе се веќе познати на јавноста.
„ВМРО ДПМНЕ е силен поддржувач на евроаталанските интеграции и останува на браникот на националните интереси. Оваа средба требаше порано да се случи, сега ги имаме информациите. Од овој момент па натаму целокупниот процес за водење на преговорите го има Владата и таа треба да продолжи да го движи. ВМРО-ДПМНЕ е поддржувач на преговорите и останува на опцијата дека Република Македонија мора да биде дел од ЕУ и НАТО“, рече Мицкоски.
Претседателот Ѓорге Иванов вели дека средбата имала информативен карактер и дека вакви средби биле неопходни.
„Беше презентиран предлогот на посредникот Метју Нимиц. Владата да продолжи да не информира и за понатамошните активности, но да ја информира и јавноста за преговорите со Грција“, рече Иванов.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети вели дека средбата била многу плодна во потрагата на решение за името.
„Сметам дека оваа средба е почетокот на крајот на еден процес. Многу е важно да бидеме дел од НАТО и ЕУ“, рече Ахмети.
Г. ТРПЕНОСКИ