Од вечер од 20 часот автобускиот превоз ќе се плаќа. Град Скопје денеска ги укина вонредните мерки за намалување на загадувањето по добиените информации од Министерството за животна средина ПМ честичките во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање.
„Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се укинуваат веднаш. Но, Град Скопје за да им овозможи на граѓаните коишто на своите работни места пристигнале со автобус, бесплатно да се вратат дома, од вечер во 20 часот го укинува бесплатниот јавен превоз“, велат од Град Скопје.
Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.
Од Градот апелираат до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.