Управата за јавни приходи не одговори дали ќе преземе мерки против одговорни лица вработени во оваа државна институција затоа што со години го толерирале затајувањето данок на новинарката Ивона Талевска. На прашањето како оваа институција не успеала шест години по ред да утврди дека познатата ТВ новинарка затајувала даноци кон државата – и од личните сметки и од сметките на нејзините фирми од Управата велат дека тие немаат истражни овластувања за да поведат постапка против неа.
На прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали некој од вработените ќе сноси одговорност, зошто фирмите на Ивона Талевска од 2008 до 2014 година не биле контролирани за да се утврди дека има затајување на данок, ни одговорија дека УЈП само ја контролира наплатата на даноци. Од таму не добивме одговор дали фирмите на Талевска во тој периодот биле контролирани, ниту дали е покрената постапка.
„Управата за јавни приходи е надлежна за утврдување, контрола и наплата на даноци и јавни давачки. УЈП во рамките на своите овластувања постапува согласно Законот за даночна постапка што претставува управна постапка. Воедно, Ве известуваме дека УЈП нема истражни овластувања и не е истражен орган во смисла на одредбите од Законот за кривична постапка. Во конкретниот случај станува збор за даночно затајување, за чие што гонење се надлежни истражни органи. Од таа причина, ве молиме да се обратите до надлежните институции“, ни одговорија од Управата за јавни приходи.
И од Институтот на сметководители и овластени сметководители не добивме одговор дали на сметководителот кој ги водел фирмите на Талевска и имал обврска да ја предупреди дека со затајувањето данок прави кривично дело, ќе му биде одземена лиценцата. Од таму не сакаа да го откријат името на сметководствената фирма, или овластениот сметководител кој шест години по ред ги предавал завршните сметки во УЈП, без да ја предупреди клиентката дека книжи ставки што не можат да се признаат како трошоци за фирма.
Избегнувајќи да одговорат на електронска пошта, од Институтот на сметководители ни рекоа прашањето да им го испратиме со писмо по пошта.
„Вашето барање доставете го до Институтот на сметководители и овластени сметководители на улица Ѓуро Стругар број 5, зграда технометал Вардар кат 1, локал 132/133, Скопје“, ни одговорија на мејлот кој го испративме до Институтот. Писмото го испративме, ама со оглед на ажурноста на ЈП „Македонски пошти“, одговорот не го очекуваме во скоро време.
Директорката на Управата за јавни приходи Соња Лукаревска уште на 21 август минатата година објави дека е покрената постапка против двајца вработени кои се осомничени дека им помагале на приватни и државни фирми во 2015 и 2016 година да избегнат плаќање на милионски данок на добивка и дека предметот е доставен до Јавното обвинителство.
„УЈП ги има доставено сите податоци и документи, за да се разреши криминалната спрега, со цел да бидеме и ние информирани кој сè имал повластено место во општеството, пред Законот сите сме исти“, изјавија тогаш од УЈП.
Од институцијата со која раководи Лукаревска не одговорија дали меѓу привилегираните фирми од 2008 до 2014 била и фирмата на Талевска.
Новинарката Ивона Талевска во понеделникот се изјасни за виновна по обвинителниот акт на Специјалното јавно обвинителство за затајување данок и доби условна казна од 2 години затвор, доколку во рок од 4 години не го повтори делото. Судијката Софија Лаличиќ на Талевска и даде рок од една година да го плати данокот кој со години не го плаќала.
Фирмите на Талевска „Смарт груп“ и „Смарт Центар“ во периодот од 2008 до 2014 година одбегнале да платат даночни обврски во вкупен износ од 2.184.677,00 денари, пари кои требало да влезат како приход во Буџетот на државата. Талевска пак во истиот период не плаќала ни персонален данок на доход во вкупен износ од 1.671.611,00 денари.
Во двете правни лица Талевска постапувала на речиси ист начин, пријавувала расходи кои не биле направени за вршење на дејноста на правните лица. Новинарката набавувала апарати за домаќинство, мебел, теписи, постелнина, садови, облека, чевли, козметика, опрема за бања, добра и услуги кои не биле користени за целите на правните лица.
А. АНТЕВСКА