Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија (ЕК), рече дека во Македонија не дошол да соопшти датум за почеток на преговорите, но дека Македонија е на добар пат, бидејќи имала голем напредок и ако продолжи со реформите, за неколку месеци може да добие препорака и таа нема да биде условена.
„Не дојдовме да ви соопштиме датум, туку да ви кажеме дека сте на добар пат и ако продолжите по тој пат за неколку месеци ќе и дадете можност на Европската комисија на Советот на ЕУ да му препорача отпочнување на преговорите за приклучување“, рече Јункер на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата.
За спорот со Грција за името, Јункер кажа дека не сака ништо да зборува, тоа прашање треба да се реши заедно со грчките пријатели.
„Забележав уште кога слетав на аеродромот дека има придвижување во преговорите. Треба да се помират историјата со географијата“, рече Јункер.
Премиерот Зоран Заев го повтори ставот дека за Владата е прифатливо име со географска одредница.
„Прифатливо е име со географска одредница кое ќе направи јасна дистинкција помеѓу Македонија и регионот во Грција. Владата инсистира на решение кое ќе овозможи трајно и одржливо затворање на спорот, но со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави. Наша должност е да преземеме одговорност за оваа историска можност, да го решиме ова долго отворено и мачно прашање помеѓу двете земји“, рече Заев.
Јункер денеска пристигна во Македонија, заедно со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.
Македонија е првата земја од балканска турнеја. Од Македонија Јункер заминува за Албанија. До први март, претседателот на ЕК Јункер треба да ги посети сите шест земји од Западен Балкан, кои се на листата за проширување на ЕУ.
Г. ТРПЕНОСКИ