Владата размислува за намалување на данокот на добивка за информатичките компании, кажа премиерот Зоран Заев, за да ги мотивираат големите компании од ИТ секторот да дојдат во Македонија. Тој вели дека размислуваат данокот на добивка за компаниите од информатичката технологија да биде 3 отсто, место досегашните 10 отсто.
„Македонија е едно микроподрачје апсолутно со клима целосно подготвено да биде центар на информатичките технологии. Се работи за пакети јас ги гледам од тој аспект, за да има нови работни места, нови инвестиции и поголем бруто домашен производ“, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата за
Во однос на прагот за прогресивна стапка на персоналниот данок, премиерот вели дека допрва ќе се утврди, откако претходно ќе има квалитетна дебата врз база на точни информации и податоци. Според него дебатата во јавноста почнала прерано, пред Министерството за финансии да ги изнесе сите податоци и аргументи за нивниот предлог прогресивната стапка од 18 отсто да се воведа за примања над 1.000 евра. Заев рече дека спроведувањето на оваа реформа е дел од владината програма, но дека тие нема слепо да се држат до неа, туку низ дебата да се најде најдоброто решение.
„Суштината е дека сакаме фер и правично општество. Не може и тој што зема 10.000 евра плата и тој што зема 10.000 денари плата да плаќаат ист данок. Тоа не е фер општество. Дај боже сите да земаме 10.000 евра плата па да платиме повисоки даноци. Оттука преку дебата ќе одлучиме колкав ќе биде прагот за втората ставка на данокот, која треба да зафати од оние 3-4 отсто од врвот, кои се екстремно богати и да платат повеќе. При плаќањето повеќе државата ќе може да ја зголеми социјалната помош и до 12.000 денари да воведе бесплатно лекување, да ги мотивираме лекарите, но да не дозволиме да ни заминат високо квалитетните кадри. Ние сме отворени, имаме ставови и во самата Влада, не сакаме едноумие. Левичари сме и веруваме во правично оданочување“, кажа Заев.
Тој не кажа каков е неговиот став, односно дали прагот треба да биде на 1.000 евра, со објаснување дека ако сега го каже својот став тоа ќе влијае на дебатата.