Над 1.000 турски дипломати, државни службеници и нивните семејства побарале азил во Германија по неуспешниот државен удар во Турција во јули 2016 година. До почетокот на март поднесени се 288 барања од турски државјани со дипломатски пасош, и уште 772 барања од оние со службени пасоши, соопшти германската федерална канцеларија за миграција и бегалци.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган воведе вонредна состојба и почна остри мерки против политичките опоненти и осомничените поддржувачи, само неколку дена по неуспешниот пуч.
Околу 50.000 луѓе беа затворени, а околу 150.000 државни службеници беа отпуштени или суспендирани.
Само во 2018 година барање за азил во Германија поднеле 1.400 турски државјани. Вкупната бројка лани изнесуваше 8.500 барања, а на повеќе од една четвртина азилот им беше одобрен.