Специјалниот пратеник за Македонија на германското Министерство за надворешни работи, Јоханес Хајндл денеска доаѓа во Скопје на средба со претседателот Ѓорге Иванов, откако вчера и САД и ЕУ побараа итно повлекување на одлуката за аболиција од 12 мај.
Германската амбасада во Скопје вчера соопшти дека ова е „надоврзување на неговата посета од минатата недела“, но и дека покрај разговори со партиите-потписнички на Договорот од Пржино како и со претставници на меѓународната заедница овој пат се предвидени и разговори со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Хајндл минатата недела пред средбите со политичките лидери соопшти дека е дојден да сослуша и дека потоа на следната посета, во координација со ЕУ и САД, ќе излезе со конкретни предлози за решавањето на политичката криза, која се продлабочи откако претседателот Ѓорге Иванов помилува политичари и нивни соработници.
ЕУ и САД вчера во остри соопштенија ја поздравија одлуката на Уставниот суд со која на Собранието му се отвори повторно да се собере и да ја отповика одлуката за предвремените избори на 5 јуни, но рекоа дека тоа не е доволно за излез од политичката криза.
Во двете соопштенија беше побарано итно поништување на помилувањата од 12 април за да се зачува начелото на одговорност, да се избегне селективна примена на правдата и да се неутрализира сериозната загриженост во врска со неказнивоста.
„Основно демократско начело е дека сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот.“, стои во сооопштението од амбасадата на САД и во заедничката изјава на потпретседателката на Европската комисија Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан.
И генералниот секретар на НАТО вчера, како што јави Ројтерс ја предупреди Македонија да не дозволи политичката криза да и ги урне надежите за влез во Северноатлантската алијанса.
„Вратата на НАТО e сè уште отворена, но особено е важно лидерите во земјата да се справат со проблемот на владеењето на правото, а тука спаѓа и повлекувањето на неодамнешното помилување кое го даде претседателот“, изјавил Столтенберг.