На претседателот Иванов законски му се овозможува да ја повлече одлуката за аболиција само за тие што тоа ќе го побараат од него. Ова е предвидено со измените и дополнувањата на четири Закони, меѓу кои и Законот за помилување, кои вчера ескпресно, без расправа беа донесени во Собранието.
Измените ги изгласаа само пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со 63 гласа и ниту еден против. Пратеницте на опозициските СДСМ и ДПА не учествуваа на расправата.
Веднаш потоа ДУИ со соопштение побара од аболираните лица да бараат од Иванов, да ја повлече одлуката, а од него веднаш да дејствува. „Демократската унија за интеграција ги охрабрува сите 56 помилувани лица што е можно поскоро да упатат барања до г-дин Иванов за да се повлече одлуката која беше донесена без нивна согласност и да овозможат правдата да ја обелодени вистината“, стои во соопштението на ДУИ.
Меѓу помилуваните кои ДУИ ги охрабрува да му пишат на Иванов е и името на Коста Крпач, сведок во еден од предметите на СЈО, кој неколку дена по одлуката за аболиција беше најден мртов со прострелна рана во својот стан во Скопје. Обвинителството уште не соопштува дали помилуваниот сведок бил убиен или самоубиен.
Иванов го помилувал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пет пати за пет различни дела поврзани со содржината на бомбите.
Рекордер по полилувања е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Тој на списокот на Иванов е споменат 16 пати, а веднаш зад него е екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за која претседателот потпишал 11 помилувања.
Помилуван е сегашниот лидер на СДСМ Зоран Заев и поранешниот премиер и претседател на Македонија и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.