„БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ОД УТРЕ ИГРА НИЗ МАКЕДОНИЈА

    „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ОД УТРЕ ИГРА НИЗ МАКЕДОНИЈАГлавната улога ја игра Кондола Рашад, чија глума критиката ја оцени како жестока

    „Бикини Мун“, петтиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, од утре почнува турнеја со киноприкажување низ Македонија. Утре и на 25 ќе игра во Штип, а најавени се и проекции во уште 19 градови меѓу кои и Кочани, Македонски Брод, Крива Паланка, Кичево, Свети Николе, Велес, Гостивар, Прилеп, Куманово.

    „Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски е снимен во Њујорк. Македонската премиера беше во Скопје на 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – и кај публиката и кај критиката. Од 4 април продолжи да игра и во Битола.

    Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, а следат Нешвил, Менхетн, Шангај и други.

    Изминатава недела филмот играше на еден од најреномираните фестивали за авторски филм во САД во Сарасота, каде беше преставен со најавата: „…Бикини е толку многу нешта завиткани во еден златен рудник за теми: мудра жена, диво дете, необуздан слободен дух, воена ветеранка, сексуално авантуристички мајсторски манипулатор… Бикини е вистинско отелотворение на енигма“.

    Критиката во САД, Бразил, Португалија, Бугарија, Србија и Македонија го нарекува филмот: „Брилијантен авторски филм“, „Фасцинатна приказна“, „Целосно свежо и оригинално дело на маестрален режисер“, „Милчо, провокативен како и секогаш, го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество“, „Филмот на Милчо Манчевски прашува колку е јавноста манипулирана од медиумите“, „Жестока глума на Кондола Рашад“, „Повеќеслоен лажен документарец кој ги истакнува мааните на либерализмот на милениумската генерација“, „ Бескомпромисното критички настроено авторство.“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Ова е филмот кој ‘Обликот на водата’ сакаше да биде, ама не знаеше како“.

    Приказната на филмот – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.

    Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.

    Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствени Македонци во филмската екипа, покрај режисерот, се композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на специјалните ефекти Мишо Ристов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира