ДУИ ГИ КОЧИ РЕФОРМИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО, ОТИ НИВНИТЕ КАДРИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ РАБОТА ПО УКИНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ ОД КЛИНИКИТЕ

    ДУИ ГИ КОЧИ РЕФОРМИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО, ОТИ НИВНИТЕ КАДРИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ РАБОТА ПО УКИНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ ОД КЛИНИКИТЕИзмените на Законот за здравствена зштита со кои треба да се укунат економските директори минатиот месец беше ставен како 38 точка на дневен ред на 67 седница на Владата, но беа повлечени од Министерство за здравство. Вицепремиерот Бујар Османи кој беше министер за здравство од 2008 до 2011 година во Владата на Груевски и министерот за здравство Венко Филипче на седницата на Владата кога беше предвидено да се расправаза овој закон - (Фото: Влада на РМ)

    Реформите во здравството за укинување на економските или вторите директори на клиниките, укинувањето на плаќањето по учинок и бришење на временската рамка за превземање специјалисти од приватно во јавно здравство, што ги најави уште лани поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, се заглавени.

    Нефицијално дознаваме дека еден од коалиционите партнери во Владата, поточно ДУИ, го кочи законот додека не им најде други убави работни места на кадрите од партијата што ќе бидат засегнати од реформите.

    Извори од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека ако поминат измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, економските директори на клиниките од редовите на ДУИ, кои беа именувани уште во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе останат без работа и колациониот партнер ја кочи реформата додека ним не им се најде друго решение.

    Официјално, во Владата никој не кажува зошто се сопрени реформите во здравството. Нема ни официјална информација колку кадри поставени од ДУИ би биле засегнати од новиот закон.

    Неофицијално, законот го држи „под мраз“ вицепремиерот Бујар Османи кој од јули 2008 до јули 2011 година беше министер за здравство во Владата на Никола Груевски, а премиерот Зоран Заев, зафатен со договорот со Грција го тргнал ова прашање на страна за да не прави непотребни тензии со ДУИ.

    Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека точката за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита била повлечена на барање на Министерството за здравство, бидејќи тоа како ресорно министерство ги подготвува измените.

    „Кога ќе бидат дадени овие измени во владина процедура зависи од Министерството за здравство. Засега тие не се вратени од таму“, рече Бошњаковски.

    Од Министерството за здравство повеќе од една недела чекаме одговор на писмено поставено прашање зошто се повлечени овие измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита од владина процедура и кога повторно ќе бидат вратени.

    На дел од клиниките и во јавните здравствени установи сѐ уште останаа двојни директори, односно покрај медицинскот директор има и економски директор. Лани летото на клиниките беа именувани нови в.д медицински директори. Дел од економските директори беа разрешени, но најголем дел од нив, кои се од редовите на ДУИ останаа на своите работни места и покрај тоа што им е истечен мандатот.

    Укинувањето на двојните директори поранешниот министер за здравство Таравари, го објасни со потребата да се направи рационализација на работата во клниките, бидејќи тие имаат долгови од над 50 милиони евра. Тој тогаш кажа дека на клиниките не се потребни и втори директори чија плата се движи од 1.000 до 1.500 евра и дека тие пари ќе се искористат за наградување на најдобрите доктори за да ги стимулираат сите подобро да работат.

    Откако Клиничкиот центар беше поделен на 32 клиники, покрај медицинскиот директор во времето на ВМРО-ДПМНЕ тие добија и економски или организациски директори. Но, наместо успешно да се менаџира работата со клиниките, формулата со двоен директор со врзан потпис често повеќе правеше проблеми.

    Министерот за здравство Венко Филипче уште пред два месеци кажа дека ги направиле потребните измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, меѓу кои и оваа за укинување на економските директори. Тој тогаш рече дека на некоја од наредните владини седници ќе бидат дадени на одобрување овие измени, и дека покрај нив работат и на темелни промени на Законот за здравствена заштита, кои подоцна ќе одат во владина и собраниска процедура.

    Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита минатиот месец беа ставени како 38 точка на дневен ред на 67 седница на Владата. Владата не расправаше по оваа точка од дневниот ред, бидејќи беше повлечена.

    Ни тогаш немаше официјално соопштение зошто оваа точка на дневен ред е повлечена.

    Со измените на законот е предвидено:

    • едноставно превземање специјалисти од приватно во јавно здравство
    • укинување на економските или вторите директори на клиниките
    • укинувањето на плаќањето по учинок

     

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира