Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов синоќа ги прошета градоначалниците на Атина Јоргос Каминис, на Загреб Милан Бандиќ и на Приштина Шпенд Ахмети, низ Дебар Маало, каде што претходно ручаа во еден од рестораните на Боемска улица.
Како и сите граѓани кои одат во Дебар Маало и гостите на градоначалникот мораа да се движат по улица меѓу колите, бидејќи тротоарите за движење на пешаци се блокирани од масите на кафаните.
Фотографијата од прошетката низ Боемска улица 2, на која е дозволено движење на возила во еден правец, ја објави атинскиот градоначаник Каминис на својот фејсбук профил. Тој под сликата напиша дека е среќен што за кратко време по втор пат е во посета на Скопје, овој пат на одблежување на 55 годишнината од катастрофалниот земјотрес и дека Атина и Скопје соработуваат и ќе соработуваат во повеќе полиња, што е предвидено и со Договорот за соработка меѓу главните градови на Македонија и Грција кој беше потпишан на 27 април.
Град Скопје уште не ги обележал терасите со жолта лента како што најави градоначалникот Петре Шилегов на 11 април. Ги нема ниту инспекторите од Општина Центар кои треба да казнуваат доколку угостителите не ги почитуваат правилата донесени од Градот. Низ Дебар Маало нема место за движење на пешаците и велосипедистите од летните тераси на кафаните и кафулињата. Кафеанџиите и понатаму без никакви санкции си ги поставуваат масите и столиците надвор од дозволената зона, непочитувајќи ја одлуката на Град Скопје дека на јавните површини мора да има најмалку 2,5 метри проодна површина.
Од Кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК пред еден месец изјавија дека бележењето со жолта лента ќе почне откако прво ќе се изврши премер дали терасите се во согласност со поднесените барања и одредбите од Правилникот.
„Градот Скопје работи на решенија кои ќе овозможат сите лица да имаат простор за движење и да се врати јавниот простор на граѓаните. Досега имавме случаи сопствениците на локалите да ја поставуваат нивната урбана опрема надвор од утврдениот простор наведен во дозволата. До Град Скопје пристигнаа 515 барања за поставување летни тераси. Во рамки на постапката за издавање на одобренија за летниот период, која е во тек, се врши премер дали терасите се во согласност со поднесените барања и програмата и потоа кога ќе се утврди фактичката состојба на сите тераси тие ќе бидат обележани“, рекоа на 28 мај од Кабинетот на градоначалникот Шилегов.
Изградбата на двете боемски улици во Дебар маало, на кои сега нема место за пешаци туку само за кафеани чинеше околу 1,1 милион евра. Првиот дел на Боемска, улицата Ѓорѓи Пешков, ја правеше поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски за 400.000 евра и беше пуштена во употреба во 2014 година. Тогаш Жерновски рече дека оваа улица ќе биде налик на Скадарлија во Белград и покрај кафеаните, ќе биде пешачка улица и место за прошетка на граѓаните. Сега таа улица е огромна кафеана без место за слободно движење.
Вториот дел, изграден исто така во мандатот на Жерновски, беше пуштен во 2016 година и чини 700.000 евра. На таа улица кафеанџиите сосема ги имаат зафатено тротоарите, па пешаците, меѓу кои и многу деца, бидејќи во близина се основното училиште „Коле Неделковски“ и библиотеката „Браќа Миладиновци мораат да се движат на тесната улица заедно со автомобилите и камиончињата за дотур на стока, кои исто така не ја почитуваат забраната за ограничено време за дистрибуција.
А. АНТЕВСКА