Охридскиот капетан на Капетанија на пристаништата во земјава Горан Устијановски, образован на најпрестижни школи за поморство, на работа во зградата на Капетанијата во Охрид доаѓа со олдтајмер мотор „дњепар К-650”, произведен во 1959 во Украина. Моторот има специфична градба, користени биле материјали кои во тие години биле последен збор на модерната технологија.
Низ улиците на Охрид моторот на Устијановски е препознатлив и по тоа што има и приколка од десна страна.
„Да се вози овој мотор е големо задоволство за мене. Го користам секојдневно ,се возам ни градот, одам на работа. Тоа е олдтајмер од посебен вид. Има интересен дизајн, доволно е брз да се ужива во него, а ретко се расипува. Морам да напоменам дека и јас редовно го одржувам, се грижам да најдам оригинални делови за него. Можеби изгледа чудно, но делови за ‘дњепар’ и сега можат да се најдат во Украина, во Русија. За мене е посебно важно што ваков мотор никој не вози кај нас, а ретко може да се најде и во Русија и во Украина, иако е таму произведен пред речиси шест децении”, вели Устијановски, кој долго време го барал овој тип на мотор што одамна не се произведува.
„Добив информација дека ‘дњепар К-650’ може да се најде во Украина. Се распрашав на повеќе места и од кога ми потврдија во кој град може да се најде моторот, веднаш решив да го купам. Ми помогнаа и некои мои пријатели. Не беше лесно да се донесе моторот од Украина во Охрид. Морав да обезбедам камион на кој беше натоварен моторот, а потоа беше донесен овде”, вели Устијановски.
Капетанот Устијановски во Охрид може да ги вози сите бродови кои пловат по Охридското Езеро.
„За сите капетани во Охрид посебна чест е да се застане зад кормилото на бродовите ‘Галеб’ и ‘Македонија’, тие се симболите на охридското пловење. Имав прилика да ги возам, иако сега и двете пловила не се во најдобра пловна состојба. Во слободно време најдобро се релаксирам со мојот ‘дњепар К-650’“, вели Устијановски.
Д. ЧУБРИЌ