ПОДНЕСЕНА Е КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА МАЛОЛЕТНАТА МАЈКА ШТО СИ ГО ОСТАВИ БЕБЕТО, И ПОКРАЈ БАРАЊАТА ЗА ПОМОШ НА АКТИВИСТКИТЕ ЗА ЖЕНСКИ ПРАВА

ПОДНЕСЕНА Е КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА МАЛОЛЕТНАТА МАЈКА ШТО СИ ГО ОСТАВИ БЕБЕТО, И ПОКРАЈ БАРАЊАТА ЗА ПОМОШ НА АКТИВИСТКИТЕ ЗА ЖЕНСКИ ПРАВАНародниот правобранител, кој минатата недела по сопствена иницијатива отвори предмет за малолетната тетовчанка, нема да навлегува во постапките што ќе ги преземат другите органи во државата, туку бара да ѝ се помогне на мајката ако може да го зачува сопственото дете; - Домот за доенчиња во Битола (Фото: СДК.МК)

Битолската и тетовската полиција ја поднесоа кривичната пријава за запоставување на дете против малолетната тетовчанка која новороденчето пред две недели го остави пред Домот за доенчиња во Битола. Од полиција велат дека пријавата до Обвинителството  е поднесена денеска. Малолетната мајка кривично ќе биде гонета и покрај реакциите на активистките за женски права дека неа во случајот ѝ треба помош, а не кривична пријава.

„Секторот за внатрешни работи Тетово и Секторот за внатрешни работи Битола целосно го расчистија случајот со новороденчето, кое на 2 јули годинава беше оставено и пронајдено пред Домот за доенчиња во Битола и поднесоа кривични пријави против три лица: малолетната мајка на бебето, нејзиниот невенчан сопруг и нејзиниот татко. Поради основи на сомнение дека сторилa кривично дело ‘напуштање немоќно дете’ до Основното јавно обвинителство Битола поднесена е кривична пријава против 17-годишната мајка од Желино ( член 200 од КЗ на Република Македонија ). Поради основи на сомнение дека сторил кривично дело ‘вонбрачен живот со малолетно лице’ ( член 197 од Кривичниот законик на Република Македонија) до Основното јавно обвинителство Тетово пријавен е 27-годишниот Ш. А. од тетовското село Долна Лешница, а за истото дело се сомничи и 38-годишниот Б. А. од тетовско Желино, кој и допуштил, односно и дозволил на малолетничката да живее во вонбрачна заедница со друго лице“, соопшти СВР Тетово.

Народниот правобранител, кој минатата недела по сопствена иницијатива отвори предмет за малолетната тетовчанка, нема да навлегува во постапките што ќе ги преземат другите органи во државата. Оттаму велат дека испратиле официјален допис до Министерството за труд и социјални работи со насоки да ѝ се помогне на мајката ако може да го зачува сопственото дете.

„Во дописот дадовме насоки за испитување, баравме акцент да се стави на личноста на мајката, да се утврди дали таа може да го гледа сопственото дете. Тоа да се врати назад кај неа, зашто сметаме дека најдобрата средина за детете е да биде одгледано во неговото семејство. Побаравме да се испитаат причините зошто таа се одлучуила на таква постапка, кога девојката е веќе мајка и веќе има едно дете. Побаравме да се разговара и со вонбрачниот партнер, да се промени мислењето и бебето ако е можно да си остане со мајката“, рече Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-Народен правобранител.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Тетово на малолетната мајка која го остави новороденчето пред Домот во Битола, веднаш ѝ ја дал потребната стручна психо-социjална помош и поддршка.

„Стручните служби од Тетовскиот центар, освен со мајката се во постојана комуникација и со незиното семејството, со цел да се помогне во решавањето на овој случај“, велат од Министерството.

Според извори од СВР Битола, малолетната мајка пред две недели во придружба на машко и женско лице со такси дошле во Битола и го оставиле детето пред Домот за доенчиња. Потоа група луѓе тропале по вратата од домот, а вработените бидејќи било вечер се исплашиле и повикале полиција. Кога дошла полицијата, пред вратата имало само педесетгодишен битолчанец кој рекол дека го нашол бебето пред влезот.

По најавите дека мајката ќе биде кривично гонета, реагираа активистки за женски права од земјава, барајќи да не се суди малолетната мајка, туку да ѝ се помогне да ја надмине ситуацијата. Ана Василева, феминистка и членка на неформалната иницијатива „Бори се женски“, изјави дека е несфатливо како од сите можни виновници за непосакуваниот исход, иако бебето било оставено токму пред институција која е законски задолжена да го згрижи, МВР одлучува да покрене обвинение и најголемата вина да ја лоцира во најслабата алка, односно во дете што нема наполнето 18 години.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира