МИЦКОСКИ ИЗБЕГА ОТКАКО ВИДЕ ДЕКА НЕМА ШАНСА ЗА АМНЕСТИЈА, КАЖА ЗАЕВ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

    МИЦКОСКИ ИЗБЕГА ОТКАКО ВИДЕ ДЕКА НЕМА ШАНСА ЗА АМНЕСТИЈА, КАЖА ЗАЕВ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА„Македонија нема да биде во заложништво на бившото и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев по лидерската средба. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев пред малку ја прекина лидерската средба и кажа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски избегал од средбата откако видел дека нема шанси за амнестија на обвинетото бившо раководство на неговата партија, а со тоа и од шансите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО.

    „За жал, Христијан Мицкоски не успеа да го препознае моментот за просперитет на Република Македонија. Избра да остане на мрачната страна. Срамно лаже кога тврди дека на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ му се важни ДИК, финансирањето на партиите и референдумот. Лаже дека сака Македонија да биде во ЕУ и НАТО. Откако виде дека нема минимум шанса да се зборува за директна или индиректна амнестија, тој избега. Негова единствена цел е ако нема амнестија, да нема договор за референдум и изјаснување на граѓаните“, рече Заев по лидерската средба во Клубот на пратеници во Скопје.

    „Мицкоски денес доби сè“, додаде Заев. „Закон за влада, Закон за финансирање на политичките партии, сè со еден услов, да ги повика гласачите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат да гласаат на референдумот“.

    „Мицкоски одби и НАТО и ЕУ. Што и да зборува натаму, негова единствена цел е Македонија да не успее. Ние сторивме сè за да бидеме единствени. Партијата која една деценија се крсти во референдумот за името, денес избега од него. Вели граѓаните се со него, а не им дава на граѓаните шанса да се изјаснат. Јас ќе ви кажам што сака Мицкоски, Мицкоски не знае што сака“, рече Заев, по што тргна за Мостар, каде што, меѓу другото, ќе има средба со премиерот на Грција Алексис Ципрас.

    Заев го повика, како што рече, чесното членство од ВМРО-ДПМНЕ да излезе и слободно да ја изрази својата волја на референдумот за името Република Северна Македонија и за влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.

    „Ние ќе влеземе во НАТО. Нема да бидеме во заложништво на бившото и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста да биде спокојна, Тргнуваме силно, никој не мже да не запре. Ќе има и ДИК и референдум, Македонија ќе успее“, изјави Заев и потврди дека за ДИК останува како што се договорија со Мицкоски, односно да остане решението ДИК да се бира со двотретинско мнозинство во Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира