НЕМА ГРЕШКА ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА СО ДИЈАБЕТЕС, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ САНИТАРЕН И ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ

    НЕМА ГРЕШКА ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА СО ДИЈАБЕТЕС, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ САНИТАРЕН И ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ„Водењето на децата од матичните лекари како и од здравствените работници во болничките установи, е согласно упатствата и протоколите за медицина базирана на докази“, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. - Д-р Ирина Сотирова Бухова, директорка на ДСЗИ (Фото: СДК. МК)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат не утврди грешка во лекувањето на четирите деца, на кои во рок од десетина дена овој месец им беше утврден дијабетес тип 1 и кои беа итно препратени на Клиниката за детски болести во Скопје.

    ДСЗИ направи вонредни контроли кај матичните лекари на децата, од кои две се од Охрид, едно од Гевгелија, а едно од Свети Николе, како и во контролите направени во општите болници во овие градови. Според ДСЗИ од увидот е констатирано дека на сите четири деца за прв пат им е дијагностициран дијабетес по влошување на здравствената состојба и по нивна хоспитализација во Скопје.

    „Од првичниот увид во медицинската документација водена за децата, ДСЗИ констатираше дека сите посети на децата кај матичните лекари како и посетите во останатите здравствени установи, во главно се уредно евидентирани. Водењето на децата од матичните лекари како и од здравствените работници во болничките установи, е согласно упатствата и протоколите за медицина базирана на докази“, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

    Алармот за голем број новодијагностицирани деца, откако западнале во тешка здравствена состојба, минатата недела го крена здружението за детски дијабетес „Баланс МК“, откако едно од децата беше хоспитализирано на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во тешка состојба. Тие бараа надлежните да ги обучат и матичните лекари, но и лекарите во болниците за да можат навреме да ги препознаат симптомите на дијабетес и бараа случајот итно да се провери.

    Од ДСЗИ објаснуваат дека дијабетес мелитус тип 1 е најчесто автоимуно заболување, кое се карактеризира со деструкција на бета клетките на панкреасот при што доаѓа до комплетен недостаток на инсулин.

    „Една третина од новодијагностицираните деца од дијабетес мелитус тип 1 се примаат во кетоацидозна состојба која бара интензивна терапија. Децата обично пројавуваат симптоми на зголемен внес на течности, зголемено мокрење, зголемен внес на храна, слабеење и стомачни болки, една до четири недели пред да им биде поставена дијагнозата. Нашата држава спаѓа во земјите со мала или средна инциденца во однос на појавата на дијабет кај деца. Во последните години постои тренд на зголемување на бројот на заболените кое е во согласност со светските трендови“, велат од ДСЗИ.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира