Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека има пари за субвенционирање нискобуџетни летови, откако унгарската компанија „Визер“ објави дека со зимската сезона на крај на октомври ќе укине три линии од Македонија, а на патниците кои веќе купиле карти им понуди враќање на парите или резервации за некоја друга дестинација. Од ноември се укинуваат летовите од скопскиот аеродром до Барселона, Шпанија и Векшо во Шведска, а од Охрискиот аеродром летот до Лондон – Лутон.
„Државата има предвидено пари за нискобуџетни компании, така што стојам зад она што го кажав дека согласно владината програма оваа мерка продолжува и Владата ќе продолжи да субвенционира нискобуџетни компании. Наредната недела ќе биде распишан нов јавен повик откако минатата недела беше поништена постапката“, рече денеска во Велес минстерот Сугарески, некоментирајќи ја одлуката на „Визер“ за укинување на трите летови од Македонија.
Во јуни година истече договорот на „Визер“ кој беше потпишан со претходната влада и оттогаш за летовите оваа компанија не добива субвенции. Летово компанијата понуди и зголемен број седишта, бидејќи од четирите авиони стационирани на Скопскиот аеродром, два се од типот „ербас А321“ со 230 седишта, наспроти основната верзија со која до сега оперираше компанијата „А320“ со 180 седишта.
Поддршката од буџетот за унгарскиот превозник се движеше од 25.000 до 40. 000 евра по новоотворена линија плус од 9 до 13 евра по заминат патник од македонските аеродроми. Погодностите кои „Визер“ ги добиваше од компанијата што управува со македонските аеродроми „ТАВ“ никогаш не беа објавени, иако другите редовни превозници што не летаат по системот на нискобуџетни компании реагираа на ценовникот за услуги на концесионерот.
Неофицијално, укинувањето на линиите за Барселона, Векшо и Лондон е резултат на тивка војна меѓу Владата и унгарската авиокомпанија, откако минатата недела беше поништен јавниот повик за субвенционирање на нискобуџетни компании.
„Визер“ од зимската сезона најави зголемување на бројот на летови од аеродромот во Приштина. Од ноември од Приштина ќе се лета за Меминген, Базел и Дортмунд, линии кои се одржуваат и од Скоје, а се зголемува бројот на летови и за Лондон – Лутон.
Унгарската компанија не добива субвенции од косовската влада, бидејќи концесионерот на приштинскиот аеродром турско-францускиот конзорциум „Лимак“ и аеродромот во Лион не дозволуваа да се субвенционираат авиокомпании. Приштинскиот аеродром во 2015 година поднесе приговор до Европската комисија поради субвенциите што македонската влада ги дава на унгарскиот превозник со образложение дека се нарушува принципот на конкуренција.
А. АНТЕВСКА