Министерството за одбрана ќе одвои од својот буџет околу еден милион евра за кампањата за претстојниот референдум, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на отворениот ден на АРМ за граѓаните по повод Денот на Армијата – 18 Август.
„Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно“, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.
Од Владата на 15 август изјавија дека на владината седница која се одржа на 14 август донесена е одлука за спроведувања кампања за референдумот и им се наложило на сите министерства и државни институции во рок од три дена да поднесат информација до Министество за финансии колку средства можат да издвојат. Тогаш владиниот портпарол Муамет Хоџа рече дека уште не се знае колку ќе чини кампањата и дека тоа ќе се знае откако министерствата ќе достават информација колку пари можат да дадат за референдумот.
„Кампањата ќе биде информативна. Со неа ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во Европската унија и НАТО, ќе биде презентиран Договорот за името со Грција и за придобивките од него“, рече Хоџа.
Референдумот ќе се одржи на 30 септември. Граѓаните од земјава и дијаспората ќе треба да одговорат на рефендумското прашање, кое ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“.
Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.
Референдумот ќе биде консултативен, бидејќи не станува тука збор за менување на државните граници или за стапување на Македонија во сојуз со други држави, за да мора биде задолжителен.
А. АНТЕВСКА