Обвинетиот во случајот на СЈО „Титаник“, ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, е носител на главните докази од бомбите во денешниот преглед на прислушуваните разговори, кои се однесуваат на притисоци и злоупотреби, па дури и бескруполозни лаги за добивање што повеќе гласови на изборите за пратеници во 2011.
Во разговор со соговорник од родниот Прилеп, исплашени дека ВМРО-ДПМНЕ таму ќе загуби, се договараат да стават на билборд нешто нереално.
“Да ставиме милијарда за Прилеп. Или 2.000 вработувања, не знам..”, му вели соговорникот ма Миле додека го дизајнираат плакатот со лажното ветување.
Никола Чурлиновски, градоначалник на Валандово, во 2011 добива наредба од Јанакиески да му забрани на наставникот по физичко да оди на работа.
„На Ѓорѓи Митрев по физичко да му забраниш до избори да оди на работа. До недела да го нема на работа. Треба да оди од врата до врата по гласови”, наредува Миле.
„Во ред, во ред, нема да доаѓа. Готово министре!”, исплашен одговара Чурлиновски, бидејќи Миле му викаше со повишен тон.
С. К. ДЕЛЕВСКА