ШИЛЕГОВ ЌЕ ВРАБОТИ 19 НОВИ АДМИНИСТРАТИВЦИ, СО ТОА ВКУПНИОТ БРОЈ ПОРАСНА НА 44

    ШИЛЕГОВ ЌЕ ВРАБОТИ 19 НОВИ АДМИНИСТРАТИВЦИ, СО ТОА ВКУПНИОТ БРОЈ ПОРАСНА НА 44Советот на Град Скопје, на седницата одржана на 27 декември 2017 даде согласно за нови 52 вработувања, меѓу кои 22 административци и 30 пожарникари. На седницата одржана во март 2018 бројот се зголеми за дополнителни 20 пожарникари и 3 административци и сега со новата тура се вработуваат дополнителни нови 19 лица во администрацијата (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот Петре Шилегов ќе вработи нови 19 административци во Град Скопје. Со тоа, вкупната бројка на нови вработувања во администрацијата откако Шилегов стана градоначалник е 44 лица.

    Советот на Град Скопје, на седницата одржана на 27 декември 2017 даде согласност за нови 52 вработувања, меѓу кои 22 административци и 30 пожарникари. На седницата одржана во март 2018 бројот се зголеми за дополнителни 20 пожарникари и 3 административци и сега со новата тура се вработуваат дополнителни нови 19 лица во администрацијата.

    Со годишниот план за вработување, кој денеска е на дневен ред на седницата на Град Скопје, вкупниот број на нови вработувања е 94 лица, од кои 44 во администрацијата и 50 пожарникари. Вработувањето на пожарникарите уште не е реализирано иако Шилегов го најавуваше од март, не е објавен ниту конкурсот, но од Град Скопје велат дека тоа ќе се случи наредниот месец и до крајот на годинава Пожарната ќе добие нови 50 пожарникари.

    „Бројот на нови вработувања во планот за кој е добиено позитивно мислење од Министерството за информатичко општество и администрација може да се менува во текот на годината за која се однесува само по претходно добиена согласност од надлежните органи за давање согласност. Новите вработувања, предвидени во планот за изменување и дополнување на Годишниот план за вработување, ќе бидат пополнети на начин, под услови и постапка утврдена со закон“, стои во образложението на градоначалникот Шилегов до советниците во Град Скопје.

    Во новите вработувања две се во секторот за поддршка на градоначалникот, каде се вработува помлад соработник за односи со јавности и помлад соработник за организација на активностите на градоначалникот. Со претходните одлуки за вработување од декември и март во секторот за поддршка на градоначалникот беа вработени 8 лица, и тоа вработување на раководител на одделение за односи со јавноста и информации за граѓаните, раководител на сектор за поддршка на градоначалник, помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалник, раководител на одделение за координација на активностите на градоначалникот, помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалникот, помлад соработник за организација на активностите на градоначалникот и виш соработник за координација на активностите на градоначалникот.

    Меѓу 19 нови вработувања се и помошник раководител на сектор за образование, виш соработник за техничка документација, помлад соработник за административни работи, раководител и помошник раководител на сектор инспекторат, соработник за остварување на меѓународна соработка, виш соработник за подготовка на материјали и документи за јавни набавки, две лица за обезбедување на објекти, помлад соработник за превод на албански јазик, помлад соработник за евиденција и помлад референт за административно-технички работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира