Адвокатите на обвинетите Никола Груевски и Ѓоко Поповски побараа изземање на Судечкиот совет во Апелациониот суд Скопје, за случајот „Тенк” на СЈО. Обвинетиот експремиер Никола Груевски во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра по негова желба од пари на МВР, доби затворска казна од две години, а на Апелација на јавна седница се разгледува неговата и жалбата на началникот на МВР Ѓоко Поповски, осуден на 9 години затвор.
Барањето го образложи адвокатот на Поповски, Стерјо Зиков и во име на адвокатскиот тим на Груевски, оти тие не присуствуваат на расправата, зашто се ангажирани на денешното судење за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.
„Бараме иземање на Судечкиот совет бидејќи сметаме дека на обвинетиот Никола Груевски му се сериозно загрозени правата ако Судот не дозволи одлагање поради отсуството на адвокатите. Тие се ангажирани во други притворски предмети денес. Поради односот на судиите кон нив, со казнување со високи казни, одлучија да одат на други судења“, рече Зиков.
Претседателката на Судечкиот совет Цветанка Периќ даде пола саат пауза, за да го разгледа барањето за изземање, а потоа паузата продолжи до 13 часот.
Претходно, Судечкиот совет не го прифати барањето на Груевски за одлагање на предметот оти неговите авокати биле ангажирани на судењето за 27 април. Советот образложи дека го одбива барањето оти наводите што биле спомнати не се причини за одлагање на јавната седница. Груевски зеде збор, и побара да се најде некој друг термин за седницата бидејќи неговите адвокати односот на судиите кои ги казнуваат со 1000 евра за неприсуство го сметаат за вршење протисоци.
Пресудата е за примање награда за противзаконито влијание, а се однесува на секоја наредба, учтиво замолување или барање од претпоставен или работодавец, од подредено лице кое не може или не смее да го одбие, да изврши кривично дело. Груевски како надреден и шеф на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, според СЈО и прислушуваните разговори, бара од буџетот на МВР таа за него да купи луксузно блиндирано возило со масажери и телевизорчиња за неговите деца, иако на пазарот со ненаместен тендер би можеле да се најдат понуди и за поефтини блиндирани возила од истата и од други марки автомобили. Јанкулоска ја спровела наредбата и на началникот од МВР Ѓоко Поповски, сега осуден на 9 години затвор, му наложила да го спроведе местениот тендер за мерцедесот од 600 илјади евра.
Ако Советот за организиран криминал при Апелациониот суд ја намали, зголеми или потврди затворската казна, Груевски треба да оди в затвор. Ако ја врати на повторно судење, тој ќе се спаси од затворската пресуда за ова обвинение засекогаш, бидејќи предметот со тоа кривично дело застарува на 31 октомври 2018.
Г. ТРПЕНОСКИ