Египќанец беше уапсен во Саудиска Арабија откако на Твитер објави видео како појадува со жена. Во видеото, мажот кој говори со акцент од Египет, појадува со жена чие лице е целосно прекриено со шамија, а за која многумина претпоставија дека е од Саудиска Арабија.
Ова е споротивно на законот во Саудиска Арабија, каде на работни места или во ресторани како „Мекдоналдс“ или „Старбакс“, фамилиите и ергените мора да седат во посебни оддели. Жените на овие места мора да седат одвоено од мажите кои се самци. На жените не им се дозволени активности без придружба од машки член на семејството, татко, сопруг, брат или син.
Египќанецот беше уапсен од Министерството за труд и социјален развој, кое го обвини за „извршување на повеќе прекршоци и за преземање на дејство кое е исклучиво резервирано за луѓето од Саудиска Арабија“.
Најпроблематичен дел од видеото е крајот, каде изгледа дека жената го храни мажот. Саудијците на социјалните мрежи беа доста критички настроени и кон мажот и кон жената, а повеќето се прашуваа зошто е казнет мажот, а не жената.
„Се обидувам да разберам зошто постајно се мажите казнувани, а не жените. Јас сум Саудијка и се колнам дека сакам неа да ја казнам. Смеење, јадење на работно место, каде ѝ се границите“, напиша една корисничка на Твитер.
Во Египет пак, повеќето беа изненадени од потегот на Саудиска Арабија и се прашуваат зошто некој би бил уапсен за објавено видео. Тие особено коментираат за разликите меѓу апсењето и неодамнешниот успех за женските права, на кои им беше дозвлено да возат коли.